Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил дека Развојната банка законски управувала со кредитната линија од 250 милиони евра за домашните компании, но Министерството за финансии доцнело со исплатата на дел од средствата. Министерството доцнело и до 48 работни дена, иако рокот за исплата бил 10 работни дена.
Доцнењата започнале во мај минатата година и според Државниот завод тие може да влијаат врз реализацијата на инвестициите. Ревизорите препорачуваат средствата навреме да се префрлаат кон Развојната банка, преку која компаниите ги добиваат кредитите. Ревизијата го опфаќа периодот од јануари 2025 до април 2026 година.
„Имајќи предвид дека ненавремената исплата на средствата до крајните корисници може да влијае на динамиката на извршување на планираните инвестиции кои се финансираат со средства од оваа кредитна линија, потребно е Министерството за финансии да преземе активности за навремена исплата на траншите“, велат од Државниот завод за ревизија.
Најголем дел од средствата се насочени кон производството, а останатите кон трговијата, транспортот и градежништвото. Досега се одобрени 767 проекти, најмногу за мали претпријатија, додека најголеми суми добиле големите и средните компании. Домашните компании ги добиваат средствата со повластена фиксна камата од 1,95% годишно.
Од вкупниот унгарски кредит од 500 милиони евра, 250 милиони евра се наменети за домашните компании, а другите за капитални проекти во општините. Кредитот беше договорен во јули 2024 година, непосредно по формирањето на Владата на Мицкоски, на средба со тогашниот унгарски премиер Орбан. Опозицијата тогаш ја критикуваше недоволната транспарентност на договорот и можните политички мотиви зад задолжувањето.






