Ниту еден од четворицата противкандидати на обвинителката Искра Хаџи Василева не поднел приговор на изборниот процес, со што Советот на јавни обивнители попладнево ги објави конечните резултатите и констатираше дека со 64 гласа таа е избрана за шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од изборната комисија велат дека во рок од 7 дена, Советот треба да закаже сендица на која ќе ја именуваат Хаџи Василева за основен јавен обивнител на ОЈО ГОКК. По тоа ќе треба да даде и свечена изјава и да ја преземе функцијата од Ислам Абази на кого мандатот му истекува на 14 ноември.
Таа за Телма потврди дека и откако ќе седне во шефовската фотеља планира да остане во судница за двата високопрофилни предмета кои ги водеше и досега, за судијата Ѓоко Ристов и за ексдиректорот на земјоделскиот инспекторат Васе Анакиев. Покрај овие два предмета во фокусот на јавноста последниве години беше и предметот против докторот Жан Митрев кој го водеше до одлуката на државниот обвинител Савески за повлекување на овластувањата.
Има мандат од четири години да ги спроведе заложбите од Програмата со која ја побара довербата од колегите. Во дебатата на „Топ тема“, говорејки за приоритетите, рече дека обвинителите се чувари на систмеот и најави фокус на предмети од јавен интерес и високопрофилни предмети.
Хаџи Василева обвинителската кариера ја почнува во 2016 година по завршената Академија (АСЈО), а од пред две години е во обвинителството што сега ќе го предводи.
Таа победи пред Трајче Пеливанов кој освои седум гласа помалку. Тој водел на подрачјето на ВЈО Гостивар додека таа освоила повеке гласови во останатите четири изборни единици. На трето место со 30 гласа е Јован Цветановски, Фатон Азизи со 14 гласа и последна со шест гласа е Лидија Раичевиќ.






