домаШоубиз„Земјиште“, нов краткометражен филм што преку експериментален и колективен пристап ги преиспитува...

„Земјиште“, нов краткометражен филм што преку експериментален и колективен пристап ги преиспитува сопственоста и заедништвото

- Advertisement -spot_img

Филм кој не е создаден според класичниот модел на автор, сценарио и екипа, туку низ месеци разговори, работилници и колективно истражување, „Земјиште“ отвора прашања за наследството, семејството, припадноста и невидливите правила што ги пренесуваме од една генерација на друга. Во центарот се пет жени кои постојано се враќаат на едно наследено и исцрпено парче земја, повторувајќи ритуал кој одамна ја изгубил својата првична смисла. Кога една од нив ќе реши да го продаде својот дел, нарушен е не само односот кон земјата туку и темелот на нивното заедништво.

„Земјиште“, во режија на Ивана Мирчевска, по сценарио на Калија Киселичка и со продукција на Дино Чупевски, премиерно ќе биде прикажан на 26 август во Прилеп и на 27 август во Битола, а скопската премиера е закажана за 25 септември во КСП „Јадро“. По проекциите ќе следуваат разговори со колективот што стои зад филмот.

Тимот на филмот го сочинуваат актерите: Јасна Весиќ, Татјана Јовановска, Христина Србиноска, Софија Кутлешовска, Ана Тамбура. Асистенти на сет: Андреа Гроздановска, Михаил Спасевски. Режија и монтажа: Ивана Мирчевска. Сценарио: Калија Киселички. Камера: Исток Чаповски. Aнимација: Ивана Мирчевска. Дизајнер на звук: Марко Рикалоски. Продуцент: Дино Чупевски. Продукција: Атриум. Филмот е работен со финасиска поддршка на Хартефакт Скопје и Министерството за култура и туризам на Македонија,

Во интервјуто за Трн, разговараме со тимот на „Земјиште“ за необичниот процес во кој настанал филмот, за границата меѓу авторството и колективната работа, за петте женски ликови, но и за тоа што денес може да значи едно парче земја, како простор, наследство, товар и припадност.

Трн: Земјиште“ не е создаден во класичен режисерско-сценаристички процес, туку низ повеќемесечни работилници и колективна работа. Како од првичната идеја стигнавте до конкретната приказна што ја гледаме во филмот?

Ивана: Појдовната точка на „Земјиште“ е партиципативен уметнички и општествено ангажиран пристап кој, додека тематски се занимава со трансгенерациските рамки (културните, социјалните, емотивните и афективните норми што ги прифаќаме, живееме, разменуваме и пренесуваме меѓу генерациите), структурно се обидува да изнајде начин на колективна уметничка продукција која не прави поделба меѓу автор и учесник. Оттука, проектот започна и како обид да ги отвориме нашите индивидуални практики кон трансдисциплинарна и колективна работа. Јас доаѓам од современата уметност, каде работам со видеоинсталации и експериментален пристап кон филмскиот формат, надвор од класичната кино-структура.

Калија Киселичка носи сценаристичко и драматуршко искуство од театарот и филмот/телевизијата, а Дино Чупевски продукциско искуство во различни форми на културна продукција. Не сакавме овие искуства само да ги ставиме едно до друго за да произведеме филм. Сакавме да видиме што се случува кога тие практики ќе се отворат кон луѓе кои немаат професионална уметничка или филмска практика и кога самата продукција ќе стане простор на заедничко истражување.”

Во таа смисла, „Земјиште“ се наоѓа на пресекот меѓу експерименталната филмска продукција, уметноста како форма на радикална педагогија и колективната работа. Од експерименталниот филм го презема интересот кон самата медиумска форма и нејзиното преиспитување; од уметничко-педагошките практики – идејата дека создавањето може истовремено да биде процес на учење, истражување и размена; а од колективната работа – обидот да се создадат услови во кои улогите, знаењето и авторството не се однапред строго распределени. Затоа филмот не го третиравме само како финален производ, туку како процес во кој формата постепено се појавуваше. Р

аботилниците не беа подготовка за филмот во класичната смисла, туку местото каде што преку вежбите, разговорите, пишувањето, фото-есеите, читањата и гледачките сесии постепено го создававме материјалот од кој произлегоа ликовите, нивните позиции, односите меѓу нив и конечно приказната. Во тој процес и самото авторство постојано се поместуваше: кој предлага, кој изведува, кој пишува, кој гледа и кој одлучува.Мислам дека токму затоа „Земјиште“ не треба да се гледа исклучиво низ приказната што ја раскажува, туку и низ условите во кои таа приказна станала можна.

Калија: Не тргнавме од „првична идеја“ во класична смисла, бидејќи самата таа претпоставка веќе подразбира автор, сопственост и една доминантна гледна точка. Ние свесно се откажавме од тоа. Од почетокот знаевме дека резултатот нема да биде дело на еден автор, туку на колектив кој, во тој момент, ни самиот не знаеше што точно создава.

Секој од нас во процесот придонесе со различна приказна, искуство и перспектива. Наместо однапред поставена рамка или цел, тргнавме од сопствените искуства и од судирот на различните перспективи, па така приказната за филмот почна постепено да се гради, без однапред да знаеме каде ќе нè одведе. Петте карактери и гласови што ги гледаме и слушаме во филмот се резултат на таа размена. Секој карактер носи трага од некого од тимот, но ниту еден не е буквален портрет на конкретна личност. Приказната ја пренесов на „лист“, обидувајќи се да ѝ дадам драмска форма. Токму во тој процес наидов на интересни стапици до кои веројатно не би стигнала преку класичната сценаристичка работа.

Трн: Централниот мотив е земјата, наследено, исцрпено парче земја на кое пет жени постојано се враќаат. Што претставува таа земја за нив, а што за вас како автори?

Ивана: Во овој проект нема јасна поделба меѓу нашето и нивното разбирање на земјата. Самото значење на земјата се градеше низ процесот на работа и низ различните позиции што се отвораа во него. Можам да кажам дека некој вид консензус беше дека земјиштето функционира како ориентационен простор, истовремено материјален и имагинативен. Земјата во филмот не е само сцена или тема, туку и медиум кој овозможува различните релации на сопственост, грижа, припадност, наследување и пренесување на информации да се испреплетат. Таа постои како „земјиште“, како материјално добро кое може да се поседува и разменува, но истовремено и како „земја“, место кое овозможува средба низ времето и просторот. Токму таа двојност ни беше интересна: земјата како нешто што се наследува и поседува, но и како нешто што овозможува односи, средби и појавување на нешто ново. Земјата не е пасивна подлога на која се одвиваат човечките односи, туку и самата учествува во нивното создавање.

Калија: Земјиштето во филмот е истовремено и метафора и реален простор. Тоа е исцрпено парче земја на кое петте жени постојано се враќаат, но не за да го обработуваат, туку затоа што, на некој начин, земјиштето веќе ги „обработило” нив. Забавно беше да се обработува исцрпеноста на земјиштето кое, и покрај тоа што не носи реална вредност, продолжува да биде центар околу кој сè се организира. Ритуалот на враќање опстојува и тогаш кога смислата што некогаш го оправдувала веќе е непостоечка.

Тоа е систем кој повеќе не одговара на животот на овие жени, а сепак продолжува да бара покорност, не затоа што ним им недостасува свест, туку затоа што е дизајниран да преживее и тогаш кога веќе ја изгубил сопствената смисла. Не се работи за носталгија, туку за заробеност во логика чие првобитно оправдување одамна исчезнало, додека контролата останала недопрена. Наследството во филмот затоа не е неутрален факт, туку е механизам преку кој сопственоста се претвора во судбина. Со него не се пренесуваат само имотот и семејната историја, туку и позиции, улоги и очекувања кои никој свесно не ги избира.

Тие едноставно постојат во форма на приказна напишана пред самите жени да се родат, во која нивниот труд, присуство и согласност се нешто кое што однапред и без прашање се подразбира. За секоја од петте жени земјиштето носи различно значење. Тоа може да биде сигурност, должност, припадност, нешто од кое сакаат да се ослободат, но и извор на моќ. Токму во тие разлики се гледа каде наследениот систем стега, а каде почнува да пука.

Како колектив, преку земјиштето сакавме да зборуваме за сопственоста, наследството и припадноста, но и за начинот на кој тие се врежуваат во телото и во наметнатите очекувања. Сакавме да ја разгледаме приватната сопственост не само како правно прашање, туку и како прашање на тоа чиј труд, чие тело и чие молчење ја одржуваат. Земјата останува исцрпена, тивка и непроменета во својата материјалност. Она што се менува е нашиот однос кон неа. Прашањето е дали сè што ни е „оставено“ навистина мора да го прифатиме како свое.

Трн: Во филмот доминираат пет женски ликови. Дали женското искуство било намерно поставено во центарот и што сакавте да кажете преку нивниот однос кон земјата, семејството и меѓусебните обврски?

Калија: Женските ликови се тука првенствено затоа што колективот кој покажа интерес за работилниците доминантно беше женски, што можеби и не е голема случајност. Не сакавме да направиме филм во кој „женскоста“ се третира како едно, унифицирано искуство, каде што женските ликови, и покрај различните околности, на крајот функционираат како варијации на иста порака. Не се обидуваме преку нив да ги претставиме сите жени, ниту да понудиме помирување со системот преку една од нив. Нè интересираше разликата помеѓу нив, не заедничкиот именител и не удобната порака на крајот. Родот не е само позадина, туку влијае врз тоа кому му се остава што, од кого се очекува послушност, а кому му е дозволено да одбие, да се побуни. Особено во сопственоста и наследството, родот не е тема што дополнително ја внесуваме, туку веќе е впишан во структурата на тоа кој наследува и поседува. Во средината од која тргнуваме, и понатаму доминира идејата дека земјата треба да му припадне на машкото дете. Во филмот ја поставивме спротивната ситуација: жените се наследнички. И не мора секое отстапување од 1нормата да се објаснува и брани.

Дино: Женското искуство, гледано од родов аспект ни претставуваше појдовна точка уште на самите почетоци на проектното конципирање и пишување. Практично пред повеќе од една година, почнавме да ја разгледуваме таканаречената појава на ретрадиционализирање на родовите улоги, коишто теоретичарите ги објаснуваат дека се поединечен резултат и на општата нестабилност и рапидна променливост на 21-от век.

Дигитализацијата и продукцијата на брзи содржини на социјалните мрежи ги донесе и “tradwives”- инфлуенсерките кои ја поттикнуваат важноста за поголемо осврнување помеѓу девојките и жените кон грижата за домот и семејството, што несомнено е личен избор, но влијае во обликувањето на свеста за еманципација, финансиска независност и ослободеност од одредени родови норми. Понатаму, во текот на процесот со учесниците, се истражуваа и улогите на патријархатот, облиците на однесување што се стекнуваат и/или одучуваат трансгенерациски.

Трн: Филмот на некој начин зборува и за она што го премолчуваме во семејствата. Што мислите, зошто толку многу семејни конфликти и односи се пренесуваат низ генерациите без никогаш вистински да бидат изговорени?

Дино: Нам една од тематските определби во истражувањето со интергенерацискиот колектив ни беше токму тоа, да согледаме што се пренесува како своевиден бихејвиорален облик меѓу генерациите. Во однос на конфликтните аспекти, што неретко се присутни во балканските семејства, а (не)избежно се одразуваат и трансгенерациски, сметам дека постои палета на сложености што се испреплетуваат општествено, родово, политички, економски, во одреден си сооднос со своевидната игра на моќ, недостаток на социјална и емоционална интелигенција. Честопати, одраз и на некомпетентност за конструктивна, отворена и критички заснована меѓучовечка комуникација. Сложено во целост, но се надевам дека сегмент од нас, припадниците на поновите генерации ќе умееме да изразиме нешто поразлично, со повисоки нивоа на разбирање и сочувствителност.

Трн: Колку од патријархатот што го препознаваме во филмот навистина доаѓа од минатото, а колку сè уште активно го живееме денес?

Ивана: Тешко е да се одвои едно од друго, бидејќи самата идеја дека нешто се „пренесува” линеарно од една генерација на друга веројатно е поедноставена претстава за тоа како всушност функционира традицијата. Она што изгледа како наследство честопати е ретроактивна конструкција: не органски пренос, туку нешто што постојано одново се произведува и се легитимира како да отсекогаш постоело. Во тој контекст, патријархатот што го гледаме во „Земјиште” не доаѓа кај нас од минатото како затворен пакет кој само се отвора денес.

Тој се одржува преку постојано повторување на исти афективни и институционални структури: распределбата на трудот во домот, чувството на должност, начинот на кој се распределува грижата. Токму тоа повторување е она што го одржува во живот, не некое наследство кое пасивно чека да биде преземено. Истовремено, тоа што ние го примаме од претходните генерации не доаѓа кон нас чисто и стабилно. Доаѓа фрагментирано, преку слики, приказни и празнини во приказните, преку она што не е кажано исто толку колку и преку она што е кажано. Затоа за мене патријархатот во филмот не е сеќавање на нешто минато, туку систем кој сè уште активно ја организира сопственоста, трудот, репродукцијата и наследувањето преку телото и секојдневните практики исто толку колку и преку зборовите, и опстојува токму затоа што често не се препознава како систем на асиметрично уредување на односите на моќ.

Дино: Накратко би се осврнал на патријархатот што во денешницава добива сѐ позасилено втемелување во општествата, што нималку не го исклучува и нашево. Во корелација со турбокапитализмот, непрестајната борба за надмоќ, класното раслојување и нееднаквостите, патријархатот го држи центриштето кон мажот, но истовремено и како да се засенува одразот што воопшто, го има врз мажите, кои на одреден начин се и негови „жртви“. Неопходно е да ги предочуваме родовите норми што се присутни наоколу – потребата за некаква си доминантна позиционираност во општеството и окружувањето, но и бројните притисоци што не секогаш се препознаваат, а придонесуваат и кон емоционална супресија кај мажите.

Трн: Дали припадноста кон едно место сè уште има исто значење како порано?

Дино: Ми се чини дека тоа многу зависи од аглите на перципирање. Чувството на припадност е лично, некому може да претставува припадност и кон одреден микрокосмос состоен од луѓето со кои гради(ме) соживот, без чие постоење, географското место на кое се наоѓаме не би ја имало таа смисла. Оттаму, сметам дека припадноста во овој град, и пошироко, оваа земја, сѐ уште ја одржуваат тие микрокосмоси, додека пак, катадневно ја разнишуваат бројните системски дисфункционалности, неправди и предрасуди кои виреат околу нас.

Трн: Што би сакале публиката да понесе со себе по проекцијата на „Земјиште“ – конкретна порака, прашање или можеби чувство?

Ивана: Во она што го работам секогаш ме интересира дали тоа може да понуди поинакво искуство и внимание: поинакво траење, присуство и појавување, со цел да отвори пукнатина за преиспитување на нештата што ги земаме како дадени. Во „Земјиште”, конкретно, тој простор се отвора околу сопственоста и односите што таа ги произведува.

Сопственоста обично ја мислиме како правна или економска категорија, но за мене е интересна токму како слика за себе, нешто што ги уредува семејните односи, наследувањето, меморијата, чувството на припадност. Истата логика важи и за земјата: кога првенствено се гледа како имот, станува нешто што може да биде одземено и пренаменето, а со тоа се истиснуваат различни форми на живот, меморија и начини на живеење што зависат од неа. Ако нешто сакам публиката да понесе со себе, тоа е чувство дека дел од односите, улогите и потребите што ги доживуваме како природни се всушност научени и наследени обрасци, кои можат и поинаку да се замислат.

Калија: Според мене, „Земјиште” не нуди решение, туку отвора простор за прашања. Ќе бидам задоволна ако кај некого предизвика барем мало поместување во тоа како ја разбира идејата за „свое”.

Дино: Она што секој поединечно од публиката автентично ќе си го доживее, ќе си го понесе. Можеби би ја споменал перспективата за она што се создава на независната сцена кај нас, за значајноста и отвореноста на поединците коишто придонесоа кон остварувањето на овој филм, за смелоста и храброста на учесниците во Битола кои преку процеси на интроспекција и заедништво, го изразија својот глас

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img