Двајца мажи се ранети во пукање што рано утрово се случило во Арачиново. Полицијата и во вечерните часови продолжува со расчистување на случајот, а засега нема официјални информации за приведени лица или за мотивот на нападот.
Настанот бил пријавен во СВР Скопје во 05:45 часот, откако на улицата „18“ во Арачиново биле слушнати истрели од огнено оружје.
На местото излегле полициски службеници од Полициското одделение Арачиново и од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје. При увидот било утврдено дека било пукано кон патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки.
Во возилото се наоѓале И.И. (34) и Ш.И. (42), кои се здобиле со повреди. Двајцата биле пренесени во ЈЗУ „Свети Наум Охридски“ во Скопје, каде им била укажана лекарска помош.
Засега нема дополнителни информации за тежината на нивните повреди, ниту колку истрели биле испукани и дали во нападот учествувало едно или повеќе лица.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.






