Европската комесарка за проширување Марта Кос, пред почетокот на Самитот на Берлинскиот процес, кој се одржува на Свети Стефан, Црна Гора, изјави дека следните недели и месеци ќе бидат одлучувачки за Западен Балкан.
Осврнувајќи се на состојбите во регионот, Кос посочи дека секоја од земјите се соочува со различни предизвици на патот кон ЕУ. За Црна Гора, како што нагласи, одлучувачки момент ќе биде преминувањето на завршната линија во пристапниот процес.
Во однос на Србија, таа ги посочи изборите што треба да се одржат следната недела како важен момент за земјата. За Албанија, според Кос, клучно е да се зачува динамиката на европската интеграција и да продолжи напредокот на европскиот пат.
Кога станува збор за Косово, еврокомесарката порача дека одлучувачки е изборот за продолжување по патот на почитување на меѓународното право и владеењето на правото.
Не ја спомена Македонија и националните предизвици на патот кон ЕУ.
Во своето обраќање Кос рече дека разговорите во рамките на овој самит доаѓаат во вистински момент.
„Затоа мислам дека е многу добро што лидерите од регионот и од целиот Берлински процес денес се собираат на ова прекрасно место, Црна Гора“, истакна Кос.






