домаМакедонијаКолку е достапна инклузијата во секојдневието? Лицата со попреченост бараат пристапни услуги...

Колку е достапна инклузијата во секојдневието? Лицата со попреченост бараат пристапни услуги и постојана поддршка

- Advertisement -spot_img

Да завршите обврска на шалтер, да стигнете до училиште или да излезете со пријателите се дел од секојдневниот живот. Но за дел од лицата со попреченост во Македонија, овие активности сè уште зависат од тоа дали има пристапен превоз, дали информацијата е разбирлива и дали ќе ја добијат потребната поддршка. Соговорниците за темата посочуваат дека има напредок, но пречките во комуникацијата, користењето услуги и образованието остануваат.

Еден таков пример е комуникацијата на глувите лица со институциите. Во реакцијата добиена за темата се посочува недостиг од толкувачи на знаковен јазик и се оценува дека нивниот ангажман не е регулиран.

„Од аспект на глувите лица сè уште имаме бариера во комуникацијата со институциите, сè уште има недостиг на толкувачи и нивниот ангажман не е регулиран“, се наведува во коментарот.

Ваквата пречка го отежнува и објаснувањето на потребата и разбирањето на одговорот што лицето го добива. Тоа значи дека пристапноста не завршува со влезот во објектот, туку подразбира и можност услугата да се користи.

Сепак, во истата изјава се посочуваат и позитивни промени, особено преку поголемата присутност на информации на знаковен јазик.

„Јавноста е сè повеќе информирана и луѓето се сè повеќе приемчиви со глувите лица. Останува уште да работиме на овој план ако сакаме да се пофалиме како инклузивно општество“, се наведува во изјавата.

Проблеми при завршувањето секојдневни обврски посочува и Муарем Песочани, лице со оштетен вид и претседател на Здружението на слепи – Струга. Според него, лицата кои не можат долго да стојат не секогаш наидуваат на разбирање кога бараат помош во банка. Како дополнителна пречка го наведува потпишувањето документи кај слепите лица и лицата со тешко оштетување на видот.

Песочани посочува дека постои интерес за работа и учество во заедницата, но дека предрасудите на околината и натаму ги ограничуваат можностите на лицата со попреченост.

„Ние како здружение на слепи постојано за сите членови подеднакво се бориме да ги остварат нивните права и интереси“, вели Песочани.

Но искуствата со услугите не се исти. Друг соговорник со попреченост наведува дека досега добивал поддршка кога ќе ја објаснел својата потреба.

„Јас како лице со попреченост досега се снаоѓам добро. Од страна на институциите гледам поддршка која ми ја пружаат и кога ќе кажам дека сум лице со попреченост, ми помагаат“, вели соговорникот.

Националниот сојуз на слепи на Македонија бара од државата пристапен превоз, безбедни премини, тактилни патеки за полесна ориентација и поедноставен пристап до бел стап и други помагала. Меѓу барањата се и правно признавање на факсимилот како начин на потпишување, пристапни дигитални услуги и образовни материјали.

„Бараме услови да ги остваруваме нашите права, да живееме независно и достоинствено и рамноправно да придонесуваме во општеството“, се наведува во обраќањето со барањата на Сојузот.

Пречките при користењето услуги се дел од поширокиот проблем со вклучувањето во заедницата. Од Центарот за младински активизам КРИК посочуваат дека можностите често зависат од семејната поддршка, местото на живеење, типот на попреченост и достапноста на соодветни услуги.

„Во Македонија има одреден напредок во процесот на инклузија на младите лица со попреченост, но сè уште постои голема разлика помеѓу она што е предвидено во законите и политиките и она што се случува во секојдневниот живот“, ни одговорија од КРИК.

Како позитивен пример го издвојуваат финансирањето на услугата за живеење со поддршка што ја обезбедува КРИК од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Преку неа, лицата со попреченост добиваат поддршка за живеење во заедницата, развивање вештини за самостоен живот и учество во секојдневните активности. Од организацијата го оценуваат ова како значаен чекор кон напуштање на институционалното згрижување и создавање услови за достоинствен живот, со поддршка според индивидуалните потреби.

Позитивно ја оценуваат и соработката со Општина Кисела Вода, која го отстапила просторот во кој функционира Центарот за окупациона терапија „Крикни“. Преку проектот „Инклузивно Скопје“, со финансиска поддршка од Град Скопје, КРИК обезбедува активности и професионална поддршка за лица со попреченост над 18 години, насочени кон поголема самостојност и вклученост во заедницата.

„Овие примери покажуваат колку е важна соработката помеѓу граѓанските организации и институциите и какви конкретни резултати може да се постигнат кога постои институционална поддршка“, нагласуваат од КРИК.

Во образованието, според организацијата, потребни се приспособени материјали, обучен кадар и континуирана индивидуална поддршка.

„Самото присуство на младо лице со попреченост во училница не значи дека тоа има еднаква можност да учи, да напредува и да воспоставува односи со своите врсници“, нагласуваат од КРИК.

На недостиг од поддршка укажува и анализата на услугите за децата со попреченост, претставена во декември 2025 година. Таа опфатила повеќе од 1.700 функционални проценки, а ја спровеле Здружението на специјални едукатори и рехабилитатори, во соработка со УНИЦЕФ и Службата за функционална проценка при Здравствениот дом Скопје.

Наодите покажуваат недостиг од специјализиран кадар и нееднаква достапност на услугите меѓу регионите. Помалку од половина од децата на кои им биле потребни лична асистенција и советување ги добивале тие услуги. Податокот се однесува на опфатените проценки, а не на сите деца со попреченост во државата.

Поддршката останува потребна и по завршувањето на училиштето. Од КРИК предупредуваат дека за дел од младите токму тогаш се намалуваат можностите за дружење, развивање животни и работни вештини и активно учество во заедницата.

„Многу дополнителни програми и активности за инклузија сè уште зависат од проектно финансирање, што создава неизвесност за нивното долгорочно функционирање“, наведуваат од организацијата.

Покрај достапните услуги, како значајна пречка ги издвојуваат и ниските очекувања од околината.

„Понекогаш околината однапред одлучува што едно лице може или не може да направи, без да му даде можност да се обиде, да научи или самостојно да одлучи“, посочуваат од КРИК.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img