домаМакедонијаДали Македонија треба да ги забрани социјалните мрежи за младите или не

Дали Македонија треба да ги забрани социјалните мрежи за младите или не

- Advertisement -spot_img

Дали да се воведе целосна забрана за заштита на малолетниците од штетните влијанија на социјалните мрежи или само делумни ограничување на пристапот. Додека повеќе земји во светот, како и ЕУ, преземаат ригорозни мерки, во Македонија засега не се планира целосна забрана на пристапот до одредени социјални мрежи, но постои и недостиг на сеопфатна дебата за системски решенија и превентивни мерки, наместо да се активира темата секогаш кога ќе излезе ново видео со насилство меѓу ученици или ќе се појави вест од Билтенот на МВР за опасно поведение на малолетни лица, меѓу кои ризични вирални трендови или групни напади врз поединци.

Но, настрана политичката дебата што навистина мислат младите и што велат експертите, кои чекори треба да се преземат за да се спречат овие појави. За можните решенија но, и искуствата од „терен“ разговаравме со психолог Ана Маркоска основач на асоцијацијата ЗЕНИТ посветена на унапредување на менталното здравје, промоција на психолошката и дигиталната писменост и превенција на бихевиоралните проблеми кај децата и младите. Во својата работа таа активно се залага за системска превенција, едукација на младите, родителите и стручниот кадар, како и за подобрување на безбедноста на децата во дигиталниот простор.

Повеќе земји во светот воведоа делумна забрана и ограничување на пристапот до социјалните мрежи за одредени возрасни категории на млади луѓе, а некои земји и целосно ги забранија социјалните мрежи за малолетни корисници или за лица до 16 години. Од една страна се дебатите на политичарите и експертите, но како младите гледаат на оваа тема, дали според вас треба да се воведе целосна забрана или пак тоа може да предизвика контра-ефекти?

Маркоска: Во Европа постои широк консензус дека заштитата на децата на интернет е врвен политички приоритет, но перцепциите и ставовите за тоа како да се постигне оваа цел се значително поделени. Додека целосните забрани сѐ почесто се сметаат за недоволни, самите млади во Европа имаат различни мислења, дел поддржуваат ограничувања според возраста за поголема безбедност, но мнозинството се против забраните поради страв од губење на социјалните врски, информациите и можностите за учење. Истовремено, тинејџерите на возраст од 15 до 17 години претпочитаат умерени возрасни прагови, наместо строги забрани за сите малолетници. Ова укажува на сложеноста на прашањето во рамки на ЕУ и наоди од кои – во недостиг на домашни сеопфатни истражувања – може, но и не мора директно да се извлечат паралели со ставовите и реалноста на младите во Македонија.

Забраните и ограничувањата можат да предизвикаат несакани последици врз приватноста, автономијата, изразувањето, како и да го намалат пристапот на младите до информации и социјална поддршка. Особено засегнати можат да бидат адолесцентите од небезбедни или неподдржувачки семејни средини, како и оние со ограничени можности за дружење и поддршка во непосредното опкружување. За дел од нив, приватната онлајн комуникација и виртуелните заедници се единствениот достапен простор за поддршка. Прекумерните ограничувања би можеле да ја продлабочат нивната изолација или да поттикнат преминување кон помалку безбедни платформи. Дополнително, проверката на возраста може да создаде дополнителни ризици при собирањето и обработката на личните податоци.

Оттаму, би поддржала пристап што ги комбинира возрасните ограничувања со побезбеден дизајн на платформите, развој на дигитална писменост и континуирано достапна поддршка за младите. Одговорноста за заштитата, секако, мора да ја преземат и компаниите што ја чинат дигиталната средина.

Кои се најчестите нарушувања и последици врз менталното здравје на младите луѓе кои користат социјални мрежи и кои аспекти од овие апликации се најризични, односно предизвикуваат најголеми проблеми. Што вели вашата пракса и контакт со младите или нивните родители?

Маркоска: Најпрво, важно е да ги разграничиме психолошките симптоми, проблематичната употреба и дијагностицираните нарушувања. Доставените истражувања не овозможуваат да составиме ранг-листа на нарушувања „предизвикани од социјалните мрежи“.

Меѓу проучуваните тешкотии се анксиозни и депресивни симптоми, нарушен сон, незадоволство од телесниот изглед и проблематична употреба што ги попречува обврските и односите. Нотирани ризични искуства се сајбер насилството, дискриминацијата и постојаното споредување. Ризикот секако зависи и од видот на содржина што се конзумира, како и од начинот на употреба. На таа линија, алармантни се содржините што поттикнуваат самоповредување, ризично возење и слични однесувања, како и оние што промовираат нереалистични идеали и можат да придонесат за незадоволство од сопственото тело и нарушени обрасци на исхрана. Сепак, не секој корисник ќе развие проблеми, а директната каузална врска помеѓу користењето социјални мрежи и дијагностицираните ментални нарушувања досега не е доследно докажана.

Регионалните податоци покажуваат и тешкотии со регулирањето на употребата. Во Хрватска на анкетата EU Kids Online од 2025 година, 58,7% од анкетираните деца на 10–16 години пријавиле дека безуспешно се обидувале да поминуваат помалку време на интернет. Важно е да се напомене дека ова е показател за тешкотии во однос на саморегулацијата, а не процент на деца со дијагностицирана зависност.

Од аспект на психолошка процена, би ги разгледувала промените во спиењето, расположението, училишното функционирање и односите, како и тоа дали младото лице може да ја прекине употребата кога сака. Треба да разбереме што детето прави виртуелно, како се чувствува по времето поминато онлајн и дали има поддршка во секојдневието. Самото броење часови не е доволно.

Дали во Македонија има недостиг на соодветна дебата за оваа тема на ниво на институции, особено во образованието и социјалните служби. Се чини дека повеќе се реагира на последиците како што се влошени ментални состојби кај младите, сајбер и онлајн булинг, врсничко насилство, деликвентство, снимање опасни и контроверзни видеа за внимание и „лајкови“, и други девијации во поведението кај младите, наместо навреме да се постават соодветни процедури, алатки и ресурси за младите и соодветниот кадар. Што може да се промени?

Маркоска: Потребна ни е континуирана институционална дебата за забраните и ограничувањата на социјалните мрежи, со активно учество на младите бидејќи тие се директно засегнати. Дебатата треба да ги опфати и условите за побезбедно користење, заштитата на менталното здравје и ресурсите што им се потребни на семејствата и на стручниот кадар. Кај нас институционалниот одговор сѐ уште е претежно реактивен, насочен кон справување со веќе пројавено насилство, ризични однесувања и психолошки тешкотии. Светлото би требало да се насочи и кон навремено спречување, односно превенција на истите.

Во Македонија веќе постојат превентивни иницијативи и насоки за постапување при насилство. Во јуни 2026 година Министерството за образование и наука (МОН) промовираше иницијатива за системска превенција на семејното и врсничкото насилство преку образовниот систем. Важно е овие заложби да станат одржлива практика што ќе ги опфати и ризиците во дигиталната средина. Потребата ја поткрепуваат и домашните податоци: во националното ХБСЦ-истражување од 2021/22 година, сајбер насилство најмалку еднаш до двапати во последните неколку месеци пријавиле 14% од момчињата и 15% од девојчињата на испитуваните возрасти од 11, 13 и 15 години.

Во училиштата потребно е континуирано развивање психолошка и дигитална писменост. Младите треба да знаат да препознаат манипулација, вознемирување, нереалистични прикази и опасни онлајн предизвици, да умеат да ја заштитат приватноста и да побараат помош. Паралелно, треба да се развиваат емоционалната регулација, критичкото размислување, донесувањето одлуки и справувањето со врсничкиот притисок. Токму преку асоцијацијата ЗЕНИТ се залагаме за поврзување на унапредувањето на менталното здравје, психолошката писменост и превенцијата на бихевиоралните проблеми.

Меѓу другото, потребни се и обучен кадар, стабилно финансирање и јасни процедури за сајбер насилство и други ризични ситуации. Училиштата, здравствените и социјалните служби треба да имаат определени одговорности и да следат дали детето ја добило потребната поддршка. Активностите треба да ги опфатат сите деца, и оние што трпат и оние што вршат насилство, со достапна дополнителна поддршка според потребите и ризикот. Потребно е поврзување на примарната, секундарната и терцијарната превенција.

Бројот на работилници сам по себе воопшто не покажува дали, на пример, сме го намалиле сајбер насилството, сме ја подобриле достапноста на помошта или сме создале побезбедна дигитална средина. Оттаму, евентуалните возрасни ограничувања и превентивните програми треба да се оценуваат според нивниот реален ефект врз безбедноста, правата и добросостојбата на младите.

Македонија се уште не е членка на ЕУ, но како земја кандидат има обврски да примени дел од европското законодавство. Какви се анализите на новите европски регулативи поврзани со забраните и ограничувањата за социјалните мрежи и како истите да се спроведат и кај нас, но и кои би биле пречките или потребните институционални и општествени прилагодувања?

Маркоска: Во европската рамка треба јасно да ги разграничиме важечките законски обврски од новите предлози. Актот за дигитални услуги, ДСА, бара од опфатените онлајн платформи достапни за малолетници да преземаат соодветни и пропорционални мерки за високо ниво на приватност, безбедност и сигурност. Исто така, забранува рекламирање засновано на профилирање со лични податоци кога платформата верува дека корисникот е малолетен. Европската комисија објави и насоки за заштита на малолетниците. Препорачаните мерки се доброволни и нивното следење не гарантира автоматски усогласеност, додека обврските од ДСА остануваат обврзувачки.

На 17 септември годинава Комисијата го предложи Закон за деца на ЕУ (EU KIDS Act). За опфатените социјални мрежи и платформи, предлогот предвидува забрана за корисници под 13 години, ограничени профили под родителски надзор на 13 и 14 години (најмногу еден час дневно) и самостојни профили за корисници од 15 години. Станува збор за предлог што допрва треба да помине низ европскиот законодавен процес. Предлогот опфаќа и побезбедни стандардни поставки, ограничување на дизајнот што поттикнува прекумерно користење и проверка на возраста со заштита на приватноста. Важен аспект е што одговорноста се поставува и кај платформите, преку барања за начинот на кој ги дизајнираат своите услуги.

За Македонија, усогласувањето со европското право е дел од пристапниот процес, но кандидатскиот статус не ги прави европските регулативи автоматски дел од домашното законодавство. Потребни се соодветна домашна правна рамка и механизми за нејзино спроведување. Во извештајот на Европската комисија за 2025 година експлицитно е посочена потребата од усогласување со ДСА.

За спроведување на мерките се потребни обучен кадар, финансиски средства, јасна поделба на одговорностите меѓу институциите и соработка со меѓународните платформи. Проверката на возраста, исто така, треба да биде технички сигурна, достапна и да ја почитува заштитата на личните податоци.

Општествените прилагодувања подразбираат дигитална писменост, поддршка на родителите и обука на кадарот во образовните и социјалните служби. Во обликувањето на мерките треба да учествуваат и самите млади, а успешноста на мерките да се оценува според реалниот ефект врз безбедноста, добросостојбата и правата на децата.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img