Заклучно со 18 август, во земјава се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска, од кои 36 се потврдени, а два се водат како веројатни случаи, соопштија денеска надлежните здравствени институции.
Од вкупниот број заболени, 37 се регистрирани во Скопскиот Регион, а еден случај е од Велес. Меѓу заболените има 28 мажи и 10 жени.
Досега се регистрирани четири смртни случаи со невроинвазивна форма на болеста. Сите починати се мажи од Скопје, на возраст од 62 до 83 години, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Кај тројца од нив биле регистрирани и други заболувања.
Само во изминатата недела, од 12 до 18 август, пријавени се 12 нови случаи, меѓу кои и три нови смртни исходи.
По прогласувањето епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, продолжуваат засилените мерки за контрола на популацијата на комарци.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил контрола на активностите за дезинсекција во сите општини. Се спроведуваат редовни и вонредни третмани, вклучувајќи ларвицидна и адултицидна дезинсекција од воздух и од земја.
Активностите се спроведуваат на територијата на Град Скопје, како и во Гази Баба, Кисела Вода, со посебен фокус на Драчево, Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес. До 14 август биле реализирани повеќе циклуси на третирање, вклучително и дополнителни интервенции на стоечки водени површини во засегнатите подрачја.
Почната е и СМС-кампања за информирање на населението. Предвидено е да бидат испратени околу 38.500 пораки со совети за лична заштита од убоди од комарци.
На 18 август биле испратени 6.526 пораки, почнувајќи од Петровец, каде биле испратени 1.554, а кампањата потоа продолжила во Гази Баба. За испраќање остануваат уште 31.365 пораки. Според надлежните, до 70 проценти од доставените пораки биле прочитани, а примачите го посетиле и линкот со дополнителни информации.
Граѓаните се повикуваат да ја отстрануваат стоечката вода од дворовите, редовно да ги чистат олуците, да постават заштитни мрежи на прозорците и вратите и, доколку е можно, да избегнуваат престој на отворено во зори и самрак, кога комарците се најактивни. Се препорачуваат облека со долги ракави и панталони и употреба на репеленти.
При појава на висока температура, главоболка, вкочанетост на вратот и други симптоми, граѓаните треба да побараат лекарска помош и да го информираат лекарот доколку престојувале во подрачја во кои се регистрирани случаи.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека институциите ги преземаат сите расположливи мерки и најави дека во петок ќе се одржи состанок со надлежните институции посветен на проблемот со застоените води.
Од Институтот за јавно здравје информираа дека меѓу заболените има и едно лице на возраст од 20 до 29 години. Досега оваа сезона не е регистриран случај на западнонилска треска кај дете.
Министерството за здравство најави дека ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за епидемиолошката состојба и за превентивните активности.






