Со месеци на скопската Клиника за ревматологија нема реагенси за дијагностика на автоимуни заболувања, реагираат дел од пациентите во редакцијата на „Фокус“, кои отишле да направат лабораториски испитувања.
„Во 2026 година, во Македонија пациенти со автоиумини заболувања не можат да добијат ниту основна ревматолошка лабораториска дијагностика поради недостиг на реагенси. Од вкупно 20 наведени ревматолошки и имунолошки анализи, резултати се добиени само а три, додека останатите 7 се без резултати.
Недостасуваат испитувања значајни за дијагностика и процена на ревматоиден артритис, системски лупус, Сјогренов синдром, системска склероза, воспалителни миоптии, системски васкулитиси, мешана болест на сврзното ткиво и антифосфолипиден синдром“, објаснува пациент, кој сакаше да остане анонимен.
Тој уште прашува како може да се очекува навремена дијагноза и соодветно лекување на овие сериозни заболувања кога здравствениот систем не може да обезбеди ни основни лаборториски испитувања?
Овие анализи приватно чинат околу 300 евра во приватните лаборатории. Ова не е само технички проблем, туку сериозен показател за недостатоците во достапноста и квалитетот на здравствената заштита“, тврди пациентот.
Податоците на Биро за јавни набавки пак покажуваат, дека последен тендер за набавка на реагенси на Ревматолошката клиника е во март, кога се склучени договори со три компании за набавка на тестови, реагенси и потрошен материјал за имунолошката лабораторија. Во тој период се склучени три договори со три различни фирми.
„Фокус“ на оваа темa испрати неколку прашања и до скопската Клиника за ревматологија. Во прилог прашањата:
1. Пациенти се обратија до нашата редакција, жалејќи се дека немате голем број на реагенси во лабораторијата на Клиниката. за дијагностицирање и следење на автоимуни и воспалителни ревматски заболувања. Дали е точно тоа?
2. Ако нема, кои регенси фалат и која е причината за тоа?
Од друга страна, од Ревматолошката клиника во изјава за „Фокус“ потврдуваат дека нема одредени реагенси и дека поради таа причина пациентите во изминатиот период со сервисен упат за оваа здравствена услуга биле упатувани на Институтот за имунологија.
„Овие резултати се земаа во предвид при натамошниот третман до надминување на временсиот недостиг на споменатите реагенси, кое очекуваме да заврши во најбрз можен рок. Основните реагенси за третман и дијагностицирање се на располагање во нашата установа. Реагенсите што моментално недостигаат се дополнителни и служат како еден вид на патоказ за натамошниот третман.
Третманот на пациентите е сложен процес што зависи од повеќе фактори. За секоја болест постои посебно упатство според кое постапуваме при третманот, вклучувајќи клиничка слика, низа други иследувања, а овој сегмент со дополнителните реагенси е само патоказ.
Инаку, постапката за набавка на споменатите реагенси е во завршна фаза. По неа очекуваме непречено обезбедување на соодветните реагенси во нашата клиника“, се наведува во одговорот од клиниката.
Од таму уште додаваат дека немањето на реагенси за одредување на антитела во изминатиот период најпрво се должел на застој во испораката, а потоа и на одредени потешкотии со тендерските постапки од технички карактер.
„Она што сакам да го истакнам е дека работата на Клиниката за реуматологија не зависи исклучиво од овие анализи. Тие се важен дел од дијагностиката, но не се единствениот начин на кој ја проценуваме состојбата на пациентите и го следиме нивното лекување. И покрај ова, Клиниката работеше и продолжува да работи непречено, функционира беспрекорно и има континуитет во прегледите, дијагностицирањето и лекувањето.
Во ниту еден момент не беше доведено во прашање функционирањето на Клиниката, ниту пак беше прекината грижата за пациентите. Секако, наша цел е овие анализи повторно да бидат достапни во најкус можен рок“, продолжува понатаму во одговорот од клиниката.
„Фокус“ на оваа тема пишуваше неколку пати досега, споделувајќи сведочења на пациенти, кои тврдат дека дале и по 130.000 евра за биолошка терапија која не ја добиле на Ревматолошката клиника.






