Адвокатот Тони Менкиноски, гостувајќи во емисијата „24 Анализа“, оцени дека судскиот предмет познат во јавноста како „случајот Кочани“ е осуден на неуспех, нагласувајќи дека правосудството не смее да се потпира на колективна одговорност, туку мора прецизно да ја утврди индивидуалната вина.
Дебатата беше отворена од новинарката која направи паралела меѓу актуелните случувања поврзани со Артан Груби и предметите „27-ми април“ и „Кочани“, посочувајќи дека кај нив се забележува тенденција кон колективно обвинување наместо лоцирање на поединечна одговорност.
Менкиноски истакна дека предметот „27-ми април“ не би го ставал во ист контекст со другите случаи, бидејќи, според него, очекува поинаков исход.
„27-ми април не би го ставил во корпусот со Груби и со Кочани, бидејќи според мене тој предмет ќе падне за брзо“, изјави адвокатот.
Во однос на „Кочани“, тој ваквите постапки ги нарече „конгломератски предмети“, оценувајќи дека системот би бил поефикасен доколку се водат повеќе одделни случаи со јасно утврдена одговорност, наместо еден обемен процес.
Според него, колективното обвинување ја разводнува вината и ја отежнува правната разрешница.
Менкиноски додаде дека правосудството треба да се фокусира на конкретни дејствија и поединечна одговорност, наместо на широки конструкции кои, како што рече, можат да доведат до долготрајни и неефикасни судски постапки.
Неговите ставови отворија поширока дебата за начинот на водење на големите судски процеси во земјава и за потребата од реформи во правосудниот систем.








