Падот на Виктор Орбан на европската сцена се следи со различни реакции, од одушевување во дел од ЕУ, до загриженост во балканските земји кои со години градеа блиски односи со Будимпешта. Во Македонија, отвора и конкретни дилеми, од економската соработка до политичките импликации, вклучително и прашањето за азилот на поранешниот премиер Никола Груевски.
Во емисијата „Вин-Вин“ на Телма, аналитичарот Ивица Боцевски оцени дека долгиот престој на Орбан на власт му дал значајна предност во европските кругови.
„Станува збор за феномен кај лидери кои предолго остануваат на функција. Не е суштината во тоа што е Маѓар, туку што е нов човек што доаѓа на негово место. Во Брисел, тие 27 шефови на држави се среќаваат најмалку четири пати годишно. Кога доаѓате првпат – сте изгубен, никој не ве познава и не ве перцепира како рамноправен. Но кога сте таму со најдолг стаж, како што беше Орбан – 16 години од 2010 – тогаш веќе знаете како да ја користите „секирата“, односно правото на вето“, изјави Боцевски.
Тој додаде дека токму искуството и мрежата на контакти му овозможиле на Орбан да биде влијателен играч, дури и надвор од очекуваните политички рамки.
„Непријатно е кога некој е толку моќен во просторија каде сите формално треба да се еднакви. Орбан не беше само најдолговечен, туку и човек што ‘знаеше каде се кријат политичките лешеви’. Ги познаваше сите лидери, ги имаше во телефон и водеше прагматична политика – еден од неговите најчести соговорници беше Макрон. Тоа кај нас изгледа незамисливо, но од позиција на практичен политичар е сосема логично – ви требаат партнери, а фактот што успеал да го придобие Макрон говори за неговата тежина“, рече Боцевски.
Според него, она што се занемарува во јавната дебата е улогата на Унгарија како поддржувач на проширувањето на Европската Унија.
„Со секој балкански лидер Орбан имаше добри односи и широко отворени врати. Но најважното ретко се споменува – во јадрото на земји што отсекогаш го поддржувале проширувањето кон Западен Балкан без условувања беше токму Унгарија. Орбан со значителен интензитет ја туркаше таа агенда, а и претходните влади имаа сличен пристап“, нагласи Боцевски.
Дебатата отвора прашања како ќе се менува односот на ЕУ кон регионот по Орбан, но и какви ќе бидат ефектите врз политичките и економските врски што со години се градеа меѓу Будимпешта и балканските престолнини.








