Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во неговото гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија истакна дека оваа влада откако е избрана не само што ги брани државните интереси, туку и прилично успешно се справува со енергетската криза периодов, и додава дека сето тоа треба да биде поробусно, иако факт е дека сега се живее подобро од пред 3 или 4 години.
„Ние сме влада трета година, некаде околу 28 месеци поминаа откако бевме избрани како влада. Не постои ниту една афера која е поврзана со оваа влада. Ги браниме државните интереси, прилично вешто се снаоѓаме во услови на, би рекол, тивка, невидлива Трета светска војна како резултат на енергетската криза и кризата на финансиските пазари која предизвика и социјални немири во голем дел од европските метрополи“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека оваа влада не се однесува надмено, туку прилично дисциплинирано се однесува, за разлика од тоа што беше случај во минатото, како и дека работи активно на тоа државата да биде побезбедно место за граѓаните.
„Цениме дека сиот оној криминал кога децата се плашеа да излезат на улиците во Скопје затоа што некои банди ги беа запоседнале кафулињата и на тој начин ги малтретираа, сега може слободно да се движат и во центарот на градот и во кое било место во Скопје, но и во другите градови во Македонија. Направивме многу акции со кои ставивме точка на криминалот во многу области. Дали е тоа доволно? Не. Дали треба да биде уште поробусно сето тоа? Да, се сложувам дека треба да биде. Но, дали е подобро од пред 3 или 4 години, кога разноразни мафии и банди именувани според некои рурални населени места од околината на Скопје царуваа низ Скопје? Е многу подобро“, потенцира премиерот Мицкоски.






