Во населбата Пинтија стартуваше голема реконструкција на уличната инфраструктура, која опфаќа површина од 16.000 квадратни метри или вкупно 3.300 метри улици.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во градежните активности, кои ги опфаќаат улиците Саса 2 со краци, Саса 4 со краци, Саса 8 и Саса 10.

Проектот е вреден 25,5 милиони денари, средства обезбедени преку вториот владин повик за капитални инвестиции, со поддршка на Министерството за транспорт и врски, а аплицирани од Општина Кисела Вода. Според динамиката, реконструкцијата треба да биде завршена за пет месеци.

Во изминатите четири години, во Пинтија се реализирани повеќе капитални проекти – изградена е нова фекална канализациона мрежа, спортска сала во дворот на ПОУ „Рајко Жинзифов“, плоштад со детско катче, а училиштето наскоро ќе биде целосно реконструирано и енергетски ефикасно.

„Со секој реализиран проект, Пинтија станува подобро и поубаво место за живеење,“ порача Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека вложувањата во оваа населба продолжуваат со ист интензитет.









