Последниот случај на фемицид во Богданци, каде беше убиена 17-годишна Билјана Кириќ повторно го отвори прашањето: дали институциите навистина ја препознаваат опасноста по животот на жената или насилството го третираат како уште еден пријавен инцидент? Дали надлежните ги препознаваат предупредувачките сигнали? Зошто жените и покрај пријавите и изречените мерки за заштита повторно стануваат жртви? Kаде потфрла системот и дали некој одговара кога заштитата ќе задоцни?
Вечерва во Топ Тема дебата со Габриела Гајдова, судијка, Неда Чаловска, адвокатка и Елена Димушевска, Национална мрежа против насилство врз жените.
Имајќи ја бројката на фемициди во толку краток период дефинитивно покажува дека системот некаде потфрла. Во конкретниот случај би било неблагодарно да кажам кој е виновник и дали било преземено се како што треба, бидејќи ги немам сите факти на увид освен делимични информации од медиумите, но според мене клучна работа кога се пријавува насилство, а ова кај кого што е пријавено насилството, дали е тоа полиција или Центар за социјална работа или обвинител, она што треба да гои направи во тој момент е да изврши процена на ризик. Процената на ризик значи да се предвиди дали насилството може да се повтори или може да ескалира во некоја посилна форма па и фемицид, изтакна судиката Габриела Гајдова.
Таа рече дека има впечаток дека формално се исполнува таа задача и низ обуките кои што ги држиме гледам дека процената на ризик се прави врз основа на формулари кои што ги имаат и МВР и Центарот за социјална работа, јас сакам да истакнам дека процената на ризик е многу повеќе од чек листа и формално поставување на прашања и добивање на одговори.
Процената на ризик мора да се прави многу посуштински, да е сеопфатна и прво да се сфати контекстот што е родово базирано насилство и од тој аспект да се анализираат сите околности кои што можат да укажат на можната ескалација на насилството. Тоа не значи само да се направи психолошки профил на сторителот, тоа значи дека треба да се земат предвид сите негови претходни однесувања, заканите кои што ги упатувал, дали е жртвата малолетна. Самиот факт што жртвата е дете, тоа е доволен индикатор дека насилството може да се повтори. Освен суштински да се процени ризикот, значи не само формално, она што го бараат меѓународните, па и национални стандарди е веднаш да се преземат мерки кои мора да бидат итни, соодветни и ефикасни, смета Гајдова.






