Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, смета дека Македонија мора да изгради политички консензус за прашањата од долгорочен државен интерес, наместо секое несогласување да се претвора во политичка пресметка.
Во интервју за телевизија Сител, таа порача дека постигнувањето договор меѓу политичките противници не треба да се доживува како предавство или отстапување од сопствените позиции, туку како неопходен чекор за напредок на државата.
Осврнувајќи се на застојот во евроинтеграциите, Шекеринска нагласи дека меѓународната поддршка е значајна, но дека решенијата за домашните предизвици мора да произлезат од самата држава.
Според неа, македонското општество е премногу поделено, а политичката дебата сè почесто се сведува на меѓусебни обвинувања и одбрана на сопствените политички редови.






