Министерството за здравство ќе формира посебна комисија која ќе го разгледува случајот со Ива Михајлова, а во проверката ќе бидат вклучени и експерти од странство. Ова го најави министерот за здравство Сашо Клековски, по завршувањето на првичниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Клековски информираше дека инспекцискиот надзор опфатил повеќе здравствени установи, а дека целокупната медицинска документација веќе е прибрана и претстои нејзина детална анализа.
„Завршивме со првичниот инспекциски надзор од ДСЗИ. Опфатени се повеќе болници, освен Клиниката за неврологија, како и болниците во Кочани и Штип и уште една здравствена установа. Деновиве ќе формирам комисија, а поради сензитивноста на случајот, ќе побарам експерти од странство да направат ревизија“, изјави Клековски.
Со формирањето на комисијата и ангажирањето странски експерти треба дополнително да се провери медицинската документација, како и постапувањето на здравствените установи што биле вклучени во случајот.
Министерот најавата ја соопшти по средбата со новинарите на која ги презентираше активностите на Министерството за здравство и стратешките приоритети за изминатите три месеци.
Проверката треба да даде поцелосна слика за постапувањето на здравствените установи и текот на лекувањето во случајот со Ива Михајлова.






