Пензионирањето во Европа постепено ќе се поместува кон сè повозрасна граница, а во некои држави идните генерации би можеле да работат и до 74-годишна возраст. Причината е забрзаното стареење на населението и сè поголемиот притисок врз пензиските системи, покажуваат анализите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), пишува Јуроњуз.
Според извештајот „Pensions at a Glance“, просечната законска возраст за пензионирање во Европската Унија до крајот на 2060-тите ќе се зголеми од сегашните 64,7 на 66,7 години кај мажите и од 63,8 на 66,4 години кај жените. Најголемата промена се очекува во Данска, која веќе донесе законски измени со кои возраста за пензионирање постепено ќе расте. До 2040 година границата ќе достигне 70 години, а според проекциите на ОЕЦД, лицата што денес влегуваат на пазарот на трудот би можеле да се пензионираат дури на 74 години.
По Данска, највисока старосна граница се очекува во Италија и Естонија – 71 година, додека во Холандија, Шведска и Кипар пензионирањето би било на 70 години. Финска и Словачка се проектирани на 69 години, а Португалија на 68.
Од друга страна, најниска старосна граница за мажите и понатаму ќе имаат Словенија и Луксембург – 62 години, додека Полска ќе ја задржи границата од 60 години за жените. Во моментов, највисока законска возраст за пензионирање во Европа имаат Данска, Норвешка и Исланд – 67 години за двата пола. Над 65 години границата е и во Холандија, Германија, Ирска, Велика Британија и Португалија, додека Франција останува меѓу најголемите европски економии со пониска старосна граница од 64,8 години.
Анализата покажува и дека разликите меѓу мажите и жените постепено исчезнуваат. Денес во повеќето европски земји двата пола се пензионираат на иста возраст, а до 2060 година родовиот јаз речиси целосно ќе исчезне. Исклучок се Полска, Унгарија, Романија и Турција, каде што ќе останат различни старосни граници.
Најголемото зголемување на возраста за пензионирање се очекува во Турција, каде што идните генерации ќе работат 13 години подолго од денешните мажи и 14 години подолго од денешните жени. Во Данска зголемувањето ќе изнесува седум години, додека Естонија, Италија, Словачка, Шведска и Кипар ќе ја подигнат границата за најмалку пет години.
Главната причина за овие реформи е демографската слика во Европа. Очекуваниот животен век постојано расте, а бројот на пензионери се зголемува побрзо од бројот на работоспособното население. Според ОЕЦД, без постепено продолжување на работниот век, одржливоста на пензиските системи ќе биде сè потешко да се обезбеди.
Дополнителен предизвик претставува и висината на пензиите. Во просек, пензиите во Европската Унија достигнуваат околу 60 проценти од заработката пред пензионирањето, но во голем број земји оваа стапка е под 50 проценти, што значително влијае врз животниот стандард на пензионерите.






