Кандидатот за градоначалник на Општина Пробиштип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, најави конкретни мерки за поддршка на младите и развој на претприемништвото во општината. Во својата програма, Тоневски најави формирање на бизнис инкубатор и специјализирана канцеларија во рамки на општинската администрација, која ќе биде целосно посветена на подготовка и реализација на домашни и меѓународни проекти за поддршка на младите.
„Ќе направиме еден бизнис инкубатор каде ќе ги вклучиме младите и ќе отвориме една канцеларија во општината којашто ќе биде дел од администрацијата задолжена да работи исклучиво на програми, и домашни и меѓународни, фондови од каде може да се извлечат пари независно од овие што ги имаат сега,“ изјави Тоневски.
Тој додаде дека општината ќе им пружи стручна поддршка на младите при изготвување на проектни апликации, преку назначување на службеници кои ќе работат исклучиво на ова поле. „Ние како општина да им помагаме на младите да ги спремаат тие апликации, ќе има задолжени луѓе од администрацијата кои ќе работат исклучиво на тој проблем,“ појасни кандидатот.
Во визијата на Тоневски, младите имаат централно место во развојната стратегија на Пробиштип. Тој најави организирање на едукативни обуки и семинари во земјата и странство со цел зголемување на знаењата и претприемачките вештини на младите.
„Со двесте илјади денари е никаква помош за младите. Јас можам да кажам дека со петсто илјади ќе ги помогнам, меѓутоа суштината е да ги научиме и натераме младите сами да се снаоѓаат и да аплицираат,“ истакна Тоневски, осврнувајќи се на досегашната пракса на локалната власт.
Според него, целта не е младите да зависат од општината, туку да станат самостојни и проактивни во искористувањето на достапните фондови и програми. „Целта е да им помогнеме на сите млади коишто сакаат да почнат некој бизнис да можат со помош на општината и поддршка на општината да ги добијат тие средства,“ додаде тој.
Тоневски, кој имаше блага предност во првиот круг на локалните избори, вели дека неговата цел е Пробиштип да се развие во град на младите претприемачи и иновативни идеи, создавајќи локална економија што ќе ги задржи младите во својата заедница.






