И покрај најавите, сточарите сè уште ги чекаат субвенциите за литар предадено млеко и грло добиток за оваа и дел од ланската година. Но, бараат и дополнителни четири денари, плус од досегашните шест за литар предадено млеко за оваа година. Револтот ќе го искажат на протест во среда, кога ќе го блокираат патниот правец Прилеп-Битола.
Неизвесноста кај сточарите продолжува, а незадоволството расте. И покрај најавите, тие со месеци ги очекуваат средствата кои им следуваат како поддршка за млеко и грло добиток. Велат, доцнењето е сериозен удар врз нивното моментално и понатамошно производство. Субвенции за предаден литар млеко чекаат за шест месеци од лани, а досега требало да бидат исплатени и првите четири од оваа година.
Но, сточарите не се единствените кои чекаат на заостаната финансиска поддршка од државата. Исплата очекуваат и останатите земјоделци. Досега за житни култури исплатена е само една третина. А тоа не се совпаѓа со изјавата на министерот за земјоделие дека 90% од субвенциите се исплатени, вели Миле Ќебакоски од Здружението „Фармери Југозапад“.
Цената на нафтата и репроматеријалите е висока, доколку не се исплатат субвенциите, есенската сеидба која е на прагот ќе биде ставена под знак прашалник – вели Тони Петковски. Земјоделците реагираат и на проблемите со системот за пријавување на субвенции и бараат продолжување на рокот од еден месец.
Револтот заради неисплатените субвенции ќе го искажат на протест закажан за 30 септември – среда, кога од 11 до 12:30 часот ќе го блокираат патот Прилеп-Битола кај месноста Тополчани.






