Под влијание на нов циклонски систем кој ќе се формира над Џенова, Македонија во четврток и петок (26 и 27 ноември) ја очекува значителна промена на временските услови. Се прогнозира претежно облачно време со врнежи од дожд, кои на повеќе места повремено ќе бидат обилни.
Најмногу дожд се очекува во западните делови од земјава, каде локално количеството на воден талог може да надмине 50 литри на квадратен метар. Врнежи ќе има и во Скопје и околината, каде на одредени места се очекуваат над 20 литри дожд на квадратен метар.
Покрај врнежите, во четврток (26 ноември) ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен и југоисточен правец. На одделни локации неговата брзина ќе надминува 50 километри на час. Засилен ветер од овие правци се очекува и во Скопскиот регион.
На повисоките планински предели, особено во западниот и северозападниот дел од земјава, на надморска височина над 1.600 до 1.700 метри, повремено ќе има врнежи од снег.
Во овој период утринските температури ќе бидат значително повисоки и ќе останат над нулата, под влијание на облачноста и краткотрајното јужно воздушно струење. Дневните температури ќе се движат од 8 до 14 степени, додека во Скопје максималната температура ќе достигне околу 11 до 12 степени, соопшти Славчо Попоски






