Центарот за управување со кризи (ЦУК) спрема нова мобилна апликација што може да помогне во спасувањето човечки животи. Граѓаните ќе можат да испраќаат точна локација и видеоснимки од итни случаи, но и дискретно да побараат помош кога не можат безбедно да зборуваат.
ЦУК соопшти дека апликацијата „Where Are You“ е во завршна фаза на подготовка, пред нејзиното пуштање во пробен период.
„Станува збор за апликација која, покрај можноста за испраќање на точната локација на граѓанинот, овозможува и испраќање видеоснимка од непосредната околина на настанот при опасност или итен случај“, објави портпаролката на ЦУК Надица В’чкова.
Особено значајна е функцијата „Silent Call“ (тивок повик), наменета за ситуации во кои граѓанинот е во опасност и не може безбедно да разговара.
Преку оваа опција, лицето ќе може дискретно да воспостави видеоконтакт со операторот на бројот 112, без тоа да го забележат луѓето во неговата непосредна околина.
„На тој начин, операторот добива визуелна информација за ситуацијата, што овозможува подобра проценка на настанот и посоодветна реакција“, објаснуваат од ЦУК.
Пред официјалното претставување, институцијата сака апликацијата да добие македонско име што ќе биде лесно препознатливо за граѓаните.
Засега се издвоени три предлози: „Е-Помош“, „Спаси ме“ и „Лоцирај ме“.
Во изборот ЦУК ги вклучува и новинарите, кои се повикани да гласаат за еден од предложените називи или да достават сопствен предлог.






