Поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, по денешното судско рочиште изјави дека е невина и дека очекува низ судската постапка да докаже оти работела чесно, отворено и транспарентно.
Во Основниот суд во Тетово се одржа третото рочиште од процесот во кој Арифи е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување при склучување договори за повремени и привремени работи со 182 лица, без тие да бидат вклучени во организираниот процес на работа во Општината. Според обвинителниот предлог, со овие постапки на општинскиот буџет му била нанесена штета од 9.375.200 денари, односно околу 152.000 евра.
На денешното рочиште беа сослушани лица кои работеле со договори за дело, како и три вешти лица кои ја ревидирале работата на Општината во врска со овие ангажмани.
Ревизорите посочиле дека од вкупно 546 склучени договори за дело, само 268 лица доставиле извештај за сработеното, додека за останатите 278 немало извештаи. Тие навеле и дека дел од раководителите на општинските сектори доставиле само делумни информации или воопшто не ги доставиле бараните податоци. На рочиштето било посочено и дека, поради големиот број договори, ангажирањето требало да се реализира преку Агенцијата за вработување, наместо Општината директно да ги склучува договорите.
По завршувањето на расправата, Арифи оцени дека постапката е политички мотивирана и дека е покрената по пријава на актуелниот градоначалник.
„Очекувам преку овој процес уште еднаш да се докаже дека секогаш сум работела чесно, отворено и транспарентно“, изјави Арифи.
Следното рочиште е закажано за 1 декември, кога треба да започне презентирањето на писмените докази на Обвинителството.






