Северна Кореја го измени Уставот и ги промени пропорциите на своето државно знаме, првпат од воспоставувањето на режимот во 1948 година. Промената е наведена во ревидираниот основен закон објавен на интернет-порталот „Наенара“.
Според членот 166 од изменетиот Устав, односот меѓу висината и ширината на знамето сега изнесува еден спрема 1,65, наместо досегашниот еден спрема два, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Претходните пропорции останале непроменети сè до уставните измени во септември 2023 година.
Изгледот на знамето не е променет. Во средината се наоѓа широка црвена лента, над и под неа има тесни бели ленти, а потоа следуваат сини ленти. Во белиот круг е сместена црвена петокрака ѕвезда.
Во Уставот е наведено дека црвената боја ја симболизира крвта на борците кои се бореле против јапонската окупација и ги жртвувале животите за одбрана на слободата и независноста на земјата, за време на јапонската колонијална власт од 1910 до 1945 година.
Белиот круг и двете бели ленти ја претставуваат верноста на народот кон националниот лидер и владејачката Работничка партија на Кореја, додека сините ленти го симболизираат револуционерниот дух во борбата за мир, пријателство и единство во светот, како и суверенитетот на земјата.
Аналитичарите оценуваат дека промената на пропорциите на знамето би можела да биде дел од напорите на Пјонгјанг, под водство на Ким Џонг-ун, третиот владетел од истото семејство, да изгради нов национален имиџ.






