Се официјализираше битката помеѓу судската и извршната власт. Финансиската независност во судството е главната причина за препукувањата на релација – премиерот Мицкоски и судиите.
Судирот, кој што деновиве е актуелен според правната фела е замајување на јавноста, но во суштина доста сериозен, смета адвокатот Звонко Давидовиќ, кој за 24 нагласи дека никој не смее да биде заштитен како “бела мечка”, затоа што законот треба и мора да се почитува ако сакаме да имаме правна држава.
Но, во однос на платите, министерката за финансии Гордана Димитриеска–Кочоска во телевизиско гостување нагласи дека за 2025 година плати за судството се предвидени 2 милијарди 334 милиони денари, додека во барањата за новиот буџет тие изнесувале 3 милијарди 751 милион денари – односно речиси 1 милијарда 400 милиони денари повеќе од сегашното ниво.
“Не е доволно да се каже „0,3%, 0,4% или 0,8%“ – треба да знаеме од кои приходи или средства произлегува. Во моментов извршуваме детални анализи за да го утврдиме точниот процент од буџетот што ќе му следува на судството и обвинителството. Нашата цел е рационално користење на средствата и транспарентно планирање во рамки на законските лимити.“
Оваа тема стана актуелна во јавноста откако Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии упатија заедничко соопштение во кое остро реагираа на неодамнешните изјави на премиерот за судиите и судството, оценувајќи дека тие ја преминале „границата на доброто однесување“ и се претвориле во „неаргументирани и паушални напади“ кон судската власт.
Од друга страна пак, премиерот Мицкоски и возврати дека финансиската независност која ја бараат од судската фела ќе ја добијат, но дека ќе се бара одговорност за секој потрошен денар, а потоа на потег ќе бидат тие, дали понатаму ќе владее правда или неправда.








