Во септември во земјава биле регистрирани 1.042-ца заболени од акутни заразни болести,што е за 22 проценти повеќе во споредба со истиот месец лани. Најчести се ентероколитисите, со 694 случаи, а регистрирани се и 123 случаи на овчи сипаници. Според Институтот за јавно здравје загрижува западно-нилската треска. Во септември се потврдени 16 случаи, а четири лица починале. Во меѓувреме, на Детската клиника „Козле“ се зголемува бројот на амбулантски прегледи поради респираторни инфекции.
„Засега нема изолиран случај на грип.Во овој период очекувана ни е оваа бројка која што ја имаме во текот на 24 часа и бројката на хоспитализирани деца. Ако споредиме со летните месеци и почетокот на септември, да бројот е зголемен но не е ништо што не очекуваме во овој период од годиата веќе за есенски денови нели како што почна есента и како што децата се вратија во колективите“, рече д-р Филип Доксимовски, Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата -Козле
Во тек е вакцинацијата против сезонски грип. Најголем интерес покажуваат лицата над 65 години и хронично болните, кои се пријавуваат за вакцинација преку системот „Мој термин“. Според податоците на ИЈЗ, досега се потврдени два случаи на грип тип А, а регистрирани се и 65 случаи со симптоми слични на грип, кои не се лабораториски потврдени.. Во меѓувреме, се очекува и испораката на јапонските вакцини против туберкулоза, откако употребата на бугарските беа стопирани поради сомнежи поврзани со нивниот квалитет. За изминатиот месец се регистрирани и осум нови случаи на ХИВ/СИДА, а две лица починаа.
„Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи (заклучно со 30.09.2026), вкупниот број на пријавени ХИВ/СИДА случаи во 2026 година изнесува 49, додека кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Македонија, за периодот 1987–2026, изнесува 778 и тоа: 144 починати лица, 520 лица кои живеат со ХИВ/СИДА и 114 лица се водат како изгубени за следење (иселени)“, соопштија од Институот за јавно здравје.
Во септември во земјава се регистрирани и пет случаи на хепатитис Б и четири случаи на голема кашлица, сите во главниот град. Најголем број заразни заболувања се пријавени во Скопје, со 385 случаи, додека највисока инциденца е регистрирана во Штип. Изминатиот месец се регистрирани и 12 нови случаи на КОВИД-19, без смртни исходи. Надлежните апелираат да се почитуваат препораките како редовно миење на рацете, проветрување на просториите, избегнување близок контакт со болни лица и одржувањето здрави животни навики..






