Полицијата во Тетово работи на целосно расчистување на сообраќаен инцидент што се случил на 27 мај 2026 година, а кој според пријавата добил елементи на краткотрајна потера низ градските улици и завршил со превртување на возило.
Според информациите од СВР Тетово, 36-годишен жител пријавил дека во раните утрински часови дошло до судир меѓу неговото возило и уште еден автомобил на улицата „29 Ноември“. По контактот меѓу возилата, вториот автомобил продолжил да се движи зад него, што кај возачот создало впечаток дека се работи за следење низ градот.
Како што е наведено во пријавата, на една од градските крстосници бил забележан и полициски службен автомобил со вклучени ротациони светла. Вознемирен од ситуацијата, возачот не застанал и продолжил да се движи кон патот што води кон селото Порој.
Во еден момент, при движење, изгубил контрола врз возилото, по што автомобилот се превртел и завршил на кров.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно утврдување на околностите под кои се случил инцидентот, како и за утврдување на евентуална одговорност на сите инволвирани страни.
Случајот е во тек на расчистување, а повеќе детали се очекуваат по завршување на истражните дејствија.








