При пријава за семејно насилство, се прави проценка на ризик и на жртвата, прво обезбедуваме да се тргне од сторителот, да е безбедна, да добие доверба во нас, ѝ нудиме лекарска помош, па доаѓа во полициска станица и во проценката на ризик има управување на мерки со жртви на семејно насилство, рече Линдита Ибиши, главна инспекторка во Одделение за семејно насилство во СВР Скопје, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма, во контекст на последните семејни насилства во Охрид, односно Богданци.
„Доколку жртвата сака да биде телефонски контактирана од подрачната единица во која што живее, обиколка на работното место, на местото на живеење неделно, колку што ќе посака жртвата, толку се постапува со управувањето на мерки за ризик“, вели Ибиши.
Недостасува посеопфатна транспарентност во постапките, особено заради што не зборуваме за изолиран инцидент, туку, би рекла,м за кривичен феномен кој што го совладува општеството, смета Бојана Божиновска Силјановска, претседателка на македонското Здружение на млади правници.
„Речиси 50 отсто од убиствата што се извршени на територија на нашата држава во суштина се фемициди, ако се земат предвид последните 10 години. Таа бројката навистина суров и брутален показател за тоа на кое место се наоѓа приотизирањето на наоѓање на решенија за ваков проблем“, истакна Божиновска Силјановска.
Таа додаде дека во сите кривични дела што беа проследени во јавност, каде се зборуваше за фемицид, но и оние во кои се зборуваше за родово базирано насилство или семејно насилство се воочено е потенцирање на грешки во чекори на различни институции.
„Еднаш се зборуваше за грешките на Центарот за социјални работи, во друг предмет се зборуваше за грешки на министерството за внатрешни работи, додека сега зборуваме за грешките на обвинителството. Верувам дека во случаите сме воочиле грешки и на судот. Тоа ни укажува дека имаме системски проблем, дека имаме, во суштина, и системско насилство и дека законот, иако е соодветно напишан, не се имплементира. Ние не добивме точна слика зошто обвинителот не се решил за притвор, иако согласно законопт за кривичната постапка во суштина навидум од тоа што го знаеме биле исполнети условите за тој да предложи притвор. Мора да се нагласи дека притворот, сепак, е опреден од судија на претходна постапка, што значи дека обвинителот имал шанса да побара, судијата е тој кој што е коректор и ќе одлучи дали ќе биде опреден притвор или не“, потенцира Божиновска Силјановска.
Според Ана Аврамоска Нушкова од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, институциите треба меѓусебно да соработуваат за што, како што посочи, имаат и Протокол за меѓусебна соработка кој што произлегува директно од законот за спречување насилство врз жени по кој треба сите да постапуваат во случаи на семејно насилство.
„Кога имаме пријави за семејно насилство, полицијата е таа која што ја прави проценката на ризик, си имаат свои правилници, свои обрасци, свои стандарди и имаат задолжение, заедно со кривичната пријава, до обвинителството да го достават и тој образец, каде што е направена проценка на ризик. Дали тука сметало обвинителството дека можеби нема некој голем ризик, тука не можам да шпекулирам, бидејќи ги немам тие податоци, но клучна е соработката, како и правилно пренесување на информацијата каква е ситуацијата и што се случува со девојката“, рече Аврамоска Нушкова која додаде дека „ако сакаме да говориме за правилен пристап до правда и еднаквост на сите странки, тогаш и и тоа како треба да го има во предвид, јавното мислење да, треба да се каже, граѓанските иницијативи, протести и слично, но одлуките не смееме да ги засноваме на тоа“.
Проблеми од различни типови се детектираат во институциите, истакна адвокатката Катерина Котеска Стисниовска.
„Не можеме да избегаме од фактот дека живееме во мала средина, каде што се познаваме сите меѓусебе. каде што сите меѓусебе можеме да издејствуваме протекција, врски, итн. Влијае можеби и политичкиот притисок, можеби и други фактори, меѓутоа соработката меѓу институциите треба да биде на повисоко ниво. Но, институциите треба да бидат поставени и со вистински луѓе на определени позиции, да имаат соодветна обука, да имаат соодветно искуство, да имаат соодветен интегритет, да имаат човечност за работење на овие проблеми“, нагласи Котеска Стисниовска.
Таа додаде дека кога не бил изречен краткотраен притвор за случајот во Охрид за потоа да биде изречен, се доаѓа во ситуација дека одлуки ќе се носат врз основа на јавноста, што, пак, како што рече, „доаѓаме во ситуација и правда да се бара врз основа на притисок на јавноста, што не смее да биде случај“.
„Значи не смее една жртва или било кој обесправен да заглави во некој лавиринт од икс определени причини за потоа да дојде во ситуација да ја бара правдата со јавен притисок врз некоја институција“, додаде Котеска Стисниовска.






