Од iFixit велат дека Pixel Watch 4 е дизајниран внимателно и со намера да може лесно да се поправи – нешто што ретко се среќава кај паметните часовници.
Google Pixel Watch 4 доби признание од познатиот сервис за расклопување и оценување на уреди, iFixit, кој го прогласи за најпоправлив паметен часовник некогаш произведен.
За разлика од најновиот Apple Watch, Pixel Watch 4 им овозможува на корисниците и на сервисерите целосен заден пристап до компонентите. Куќиштето се отвора со одвртување на надворешните завртки кои воедно управуваат и со механизмот на шарката, додека вибрациониот мотор е прицврстен со завртки и поврзан преку „pogo“ пинови – без непотребно лепење или заварување на делови.

Од iFixit додаваат дека батеријата може да се замени за само неколку минути, а посочуваат и дека екранот е запечатен со О-прстен наместо со лепак, што овозможува IP68 сертификат за отпорност на вода и прашина без да се наруши едноставноста на поправката. Дури и матичната плоча е лесно достапна и може да се извади без големи интервенции.
Поради сето тоа, Pixel Watch 4 од iFixit доби оценка за поправливост 9 од 10, што е навистина импресивен резултат за уред со толку компактни димензии.
Целото видеo од расклопувањето може да го погледнете подолу.






