домаМакедонијаЛинеарното покачување завршува, разликата кај дел од пензионерите останува

Линеарното покачување завршува, разликата кај дел од пензионерите останува

- Advertisement -spot_img

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека Владата повеќе нема да го продолжува линеарното зголемување на пензиите. Од септември системот се враќа на законското процентуално усогласување. Но со тоа се отвора прашањето за кое засега нема одговор од Владата: што ќе се случи со разликата кај пензионерите кои во периодот на линеарните покачувања добиваа помал раст отколку што би добиле според редовната формула?

Мицкоски рече дека понатамошниот раст на пензиите ќе се врши согласно законското усогласување, наведувајќи ги постапките пред Уставниот суд како причина Владата да се откаже од продолжување на линеарниот модел.

„За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, рече Мицкоски.

Тоа значи враќање на членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Според него, пензиите на 1 март и 1 септември се усогласуваат процентуално, при што половина од пресметката зависи од растот на трошоците за живот, а половина од растот на просечната плата.

Но враќањето на стариот модел важи за идните усогласувања. Тоа само по себе не значи дека повторно ќе бидат пресметани пензиите за периодот во кој законската формула беше суспендирана.

Токму тука останува отворена сметката.

Владата од септември 2024 наваму четири пати го примени линеарниот принцип. Прво следуваа две зголемувања од по 2.500 денари, во септември 2024 и март 2025. Потоа моделот беше продолжен и во 2025/2026. Во септември 2025 пензиите беа зголемени за еднаков износ од 1.036 денари, а во март 2026 за уште 1.000 денари.

Линеарното покачување има јасна социјална логика: 1.000 денари значат многу поголем процент за пензионер со ниска пензија отколку за пензионер со висока пензија.

Но пензискиот систем не функционира како систем на еднаква социјална помош. Пензијата е индивидуално стекнато право чија висина зависи од работниот стаж, платите и придонесите уплаќани во текот на работниот век.

Затоа фиксниот износ создаде две групи.

Пензионерите со пониски пензии добија повеќе отколку што би добиле ако вкупните пари беа распределени процентуално. Пензионерите над одредениот праг добија помалку.

Пресметката што Рацин.мк ја направи во март годинава покажува колкава може да биде разликата. Во септември 2025 фиксното покачување од 1.036 денари било еквивалентно на околу 3,81 отсто од тогашната просечна пензија од 27.189 денари.

Пензионер со пензија од 19.000 денари со таква процентуална распределба би добил околу 724 денари. Со линеарното покачување добил 1.036 денари, односно околу 312 денари повеќе.

Но кај пензија од 35.000 денари математиката се превртува. Наместо околу 1.334 денари, пензионерот добил 1.036 денари, односно околу 298 денари помалку месечно. Кај пензија од 45.000 денари разликата била околу 679 денари, а кај пензија од 70.000 денари околу 1.631 денар месечно.

Тоа не значи дека на овие пензионери им била намалена пензијата. Тие добиле зголемување. Прашањето е колкаво би било тоа зголемување ако не беше суспендирана процентуалната формула.

И разликата не се појавува само еднаш.

Ако основицата во еден циклус е пониска отколку што би била со процентуалното усогласување, таа разлика се пренесува и во следните исплати. Идните проценти потоа се пресметуваат врз веќе формираната пензија. Затоа едноставното враќање на процентуалниот модел во септември не ја враќа автоматски состојбата како линеарните усогласувања никогаш да не постоеле.

Според структурата на пензиите што ја анализираше Рацин.мк, во септември 2025 најмалку 116.768 пензионери биле во категории над 28.501 денар. Само во тие групи се наоѓа голем дел од пензионерите кои со линеарниот модел добиле помал раст од оној што би произлегол од процентуалната распределба на истиот вкупен износ.

Токму ова беше и суштината на спорот пред Уставниот суд.

Судот во ноември 2025 изрази сомнение во уставноста на моделот, меѓу другото поради прашањето дали со еднакво зголемување на различни пензиски права всушност се создава нееднаквост. Во издвоеното мислење по предметот беше нагласено дека еднаквиот апсолутен износ врз различни пензиски основи го намалува значењето на различно уплаќаните придонеси.

Но важно е и она што денешната изјава на Мицкоски го остава во втор план: Уставниот суд не го укина линеарното зголемување.

На 4 март 2026 предлогот за укинување на спорната одредба не доби потребно мнозинство и постапката беше запрена. Линеарното покачување остана во сила и мартовските 1.000 денари беа исплатени.

Оттаму, владината одлука сега да се врати на процентуалниот модел е политичка и системска одлука за идните пензии, а не директна последица од судско укинување на линеарното зголемување.

И токму поради тоа останува прашањето што Владата денеска не го одговори.

Дали ќе биде направена пресметка колку би изнесувале пензиите доколку во спорните периоди се применувала редовната формула? Дали евентуалната разлика ќе биде вградена во новата основица? Дали ќе има еднократно порамнување за оние што добивале помалку или Владата смета дека со септемвриското враќање на процентуалниот модел ова прашање е затворено?

Во моментов нема најавен механизам за таква ретроактивна пресметка или исплата.

Затоа зборот „обештетување“ засега не може да се употребува како утврдено законско право. Нема судска одлука со која е утврдено дека државата им должи пари на овие пензионери.

Но математичката разлика постои.

Владата две години го бранеше линеарниот модел со аргумент дека на тој начин им помага на пензионерите со најниски примања и ја намалува нееднаквоста. Уште на 1 јануари годинава Мицкоски тврдеше дека политиката ќе продолжи и дека токму линеарните покачувања го намалуваат Џини-коефициентот и сиромаштијата.

Осум месеци подоцна, моделот завршува.

За пензионерите со најниски пензии тој остави трајно повисока основица. За дел од пензионерите со средни и повисоки пензии остави поинаква сметка – помал раст од оној што би го добиле со редовното процентуално усогласување.

Од септември правилата повторно ќе бидат процентуални.

Но досега никој од Владата не кажа дали ќе се пресметува и она што остана зад линеарната линија.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img