Турски државјанин на возраст од 25 години е уапсен под сомнение дека ја убил 28-годишната Русинка Људмила Туркова Константиновна, чие тело беше пронајдено во куфер фрлен во канал кај Падинска Скела, во близина на Белград.
Според српските медиуми, осомничениот, идентификуван со иницијалите К.Е., бил приведен на аеродромот „Никола Тесла“ непосредно пред да ја напушти Србија.
Истрагата покажала дека тој престојувал во изнајмен стан во населбата Борча заедно со жртвата. Се сомничи дека ја убил на 26 јули, а потоа нејзиното тело го ставил во куфер и го фрлил во каналот Визељ кај Падинска Скела.
Телото беше пронајдено по интензивна полициска потрага, во која учествувало и службено полициско куче.
Засега не се соопштени повеќе детали за мотивот на злосторството, а истрагата за случајот продолжува.






