Двајца полициски службеници од Струга се кривично пријавени поради сомнение дека употребиле прекумерна физичка сила врз лице лишено од слобода, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава против Т.М., полициски службеник во Полициската станица Струга, и И.Ш., главен полицаец за вршење увид на сообраќајни незгоди во Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Струга.
Тие се сомничат за кривичното дело „малтретирање во вршење на службата“ од член 143 од Кривичниот законик.
Според МВР, случајот се случил на 14 мај годинава во просториите на Полициската станица Струга, при спроведување на лице кое претходно било лишено од слобода.
Иако лицето било со ставени лисици на рацете, двајцата полициски службеници, според наводите, употребиле прекумерна физичка сила и му нанеле повеќе удари со раце и нозе.
Покрај кривичните пријави, против двајцата полицајци ќе биде поведена и дисциплинска постапка. До нејзиното завршување, ќе им бидат одземени службеното оружје и муницијата, а ќе бидат и суспендирани од работните места, информираат од МВР.






