Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денеска оствари работна средба со турскиот амбасадор во Република Македонија, Фатих Улусој, како и со Ајдован Адемоски, претседател на МАТТО – Македонско-турска стопанска комора и почесен конзул на Република Турција.

На средбата се разговарало за развојните и индустриските капацитети на Општина Прилеп, актуелната состојба во прилепското стопанство, како и за можностите за унапредување на досегашната соработка, привлекување нови инвестиции, зајакнување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
Меѓу учесниците на состанокот бил и Сашо Наумовски, директор на компанијата Витаминка, активна членка на МАТТО, која годинава одбележува 70 години од своето постоење.

Во фокусот на разговорите биле и можностите за соработка во областа на образованието, културата и туризмот, при што било истакнато дека Прилеп располага со значаен културно-историски и туристички потенцијал, атрактивен и за домашните и за странските посетители, вклучително и за туристите од Република Турција.

Како што беше нагласено на средбата, Општина Прилеп, заедно со турската заедница која живее во општината, има значајни потенцијали за продлабочување и унапредување на соработката со Република Турција на економски, културен и билатерален план.








