Евроамбасадорот Михалис Рокас оцени дека Македонија во годинашниот извештај на Европската комисија бележи поголем напредок отколку во претходниот, особено во дигиталната трансформација, науката, истражувањето и образованието.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, по предавањето на извештајот за 2026 година, Рокас посочи дека се донесени добри закони и дека реформскиот напредок е видлив.
„Донесени се многу добри закони и една година подоцна, да, гледаме напредок и тоа е јасно“, изјави евроамбасадорот.
Тој нагласи дека Македонија останува меѓу земјите кандидатки со највисоко ниво на подготвеност и дека постигнала значително усогласување со европското законодавство.
Рокас позитивно го оцени и спроведувањето на Реформската агенда во рамките на Планот за раст на ЕУ. Како конкретен пример го посочи усвојувањето на Законот за електронски комуникации.
Сепак, предупреди дека напредокот во Реформската агенда треба да се разликува од пошироката проценка на Европската комисија, која ги опфаќа сите области од пристапниот процес. Според него, резултатите во различните области се нерамномерни и потребни се дополнителни напори, особено за независно судство, силни институции и борба против корупцијата.
Премиерот Мицкоски, од своја страна, оцени дека извештајот е подобар од минатогодишниот и дека во ниту едно поглавје нема оценка за назадување. Тој посочи дека нивото на подготвеност е зголемено во две поглавја — дигитална трансформација и медиуми, како и образование и култура.
Позитивните оценки за реформите доаѓаат додека отворањето на првиот преговарачки кластер и натаму останува условено со усвојување на уставните измени, согласно заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година.






