Концертот на американскиот репер Канје Вест (Kanye West), планиран за 11 јули во Тирана, првично беше претставен како приватна организација. Но, само неколку дена пред неговото одржување, се претвори во државно прашање.
Владата на Албанија на 6 јули одобри нормативен акт кој го отвора патот за финансирање на концертот со околу четири милиони евра од буџетската резерва.
Одлуката веднаш беше објавена во Службениот весник и стапи на сила истиот ден.
Владата аргументираше дека интервенцијата била неопходна за да се избегне откажување на концертот и губење на економската и туристичката добивка која тој, според нејзините зборови, би требало да ѝ ја донесе на Албанија.
Сепак, не наведе што точно го доведе концертот во опасност од пропаѓање и за што конкретно ќе се искористат околу четири милиони евра. Радио Слободна Европа (РСЕ) побара појаснувања од Министерството за култура за овие прашања, но до објавувањето на овој текст одговорот не пристигна.
РСЕ ја контактираше и албанската компанија RedCloud, која ја презеде организацијата на концертот, но ниту од неа не доби одговор.
Ден по усвојувањето на нормативниот акт, премиерот Еди Рама ја бранеше одлуката велејќи се дека државата била принудена да интервенира за да избегне откажување на настанот кој, според неговите зборови, на земјата ќе ѝ донесе значителна економска и промотивна корист.
Одлуката ја подели јавноста.
Додека Владата го претставува финансирањето како инвестиција во туризмот и имиџот на Албанија, опозицијата и претставниците на граѓанското општество го сметаат за неоправдано трошење на јавните пари и ја доведуваат во прашање правната основа на оваа интервенција.
Дебатата се одвива во момент кога премиерот Рама веќе со недели се соочува со протести кои, меѓу другото, се насочени кон обвинувања за лошо управување со јавните средства и корупција.
Зошто Владата одлучи да интервенира?
Според премиерот Рама, концертот не е само музичка активност, туку инвестиција со директно влијание врз економијата и туризмот.
Тој истакна дека околу 25 илјади луѓе од повеќе од 80 земји купиле билети за концертот и дека неговото откажување би им наштетило не само на локалните претприемачи, туку и на имиџот на Албанија како дестинација за меѓународни настани.
„Ваквите настани се инвестиција во една поинаква Албанија, која не се враќа назад. Сметаме на најмалку 100 милиони евра приходи“, порача Рама во пораката објавена на Фејсбук.
И образложението што го придружува нормативниот акт го поддржува овој аргумент.
Според него, финансиската поддршка била потребна заради заштита на јавниот интерес, со оглед на тоа што од концертот се очекуваат економски, туристички, културни и промотивни бенефиции, додека неговиот неуспех би имал поголеми последици од самиот трошок за финансирање.
Во документот се наведува дека организаторите дури на 3 јули ја известиле Владата дека концертот е во опасност од откажување, но не се наведуваат детали за причините.
Бидејќи настанот беше планиран за само осум дена подоцна, Владата соопшти дека немало време за вообичаените парламентарни процедури и затоа одлучила да интервенира преку нормативен акт.
Дали финансирањето со јавни пари е оправдано?
Суштината на владиниот аргумент е дека концертот не смее да се набљудува само како уметничка активност, туку како инвестиција од која се очекуваат економски придобивки за земјата.
Опозицијата и туристичките експерти се противат на таа логика, истакнувајќи дека економското влијание на еден единствен настан не може да го оправда користењето на буџетската резерва.
За демократската пратеничка Ина Жупа (Ina Zhupa), оваа одлука ризикува да му нанесе повеќе штета отколку корист на имиџот на Албанија.
„Овој еднодневен туризам со ранец на грб не би донел никаква голема корист за земјата. Туристички не пропаднаа држави како Франција, Италија, Швајцарија, Австралија, Обединетото Кралство или САД, кои ги откажаа концертите на Канје Вест поради неговата антисемитска реторика. Затоа тој аргумент не држи вода“, изјави Жупа за РСЕ.
На иста линија е и туристичката експертка Флора Џемани Баба.
Според нејзините зборови, развојот на туризмот не зависи од организацијата на еден концерт, туку од долгорочните инвестиции во инфраструктурата, услугите и квалитетот на туристичката понуда.
„Туристот не ја избира земјата само поради еден концерт. Тој ја избира дестинацијата затоа што таа му нуди целосно искуство. Еден настан може да помогне во промоцијата на земјата, но не ги заменува политиките кои придонесуваат туристот да дојде, да остане подолго и повторно да се врати“, вели таа за РСЕ.
За Џемани Баба, користењето на јавните пари за ваква активност создава и опасен преседан.
„Владата користи средства од резервниот фонд, кој не беше деблокиран ниту по земјотресот, ниту за време на поплавите. Денес, практично, секој Албанец го плаќа концертот, без оглед на тоа дали ќе присуствува на него или не“, истакнува таа.
Дебатата се шири и на законитоста на одлуката
Полемиките не се однесуваат само на износот од четири милиони евра, туку и на начинот на кој е одобрено финансирањето.
Владата ја засноваше одлуката на членот 101 од Уставот, кој му дозволува на Советот на министри да носи нормативни акти со законска сила во случаи на потреба и итност.
Според Уставот, тие акти мора веднаш да се испратат до Собранието на разгледување.
Додека Владата тврди дека итноста е поврзана со ризикот од откажување на концертот и недостигот на време за редовни законски процедури, за опозицијата тие аргументи не стојат.
Жупа одлуката ја нарекува противуставна и порачува дека буџетската резерва би требало да се користи само во вонредни случаи кои се однесуваат на виталните интереси на граѓаните.
„Ваква одлука се носи во ситуации на итност и потреба на граѓаните, а не поради желбите на премиерот. Албанија има вонредни потреби: пожари, поплави, недостиг на лекови во болниците, училишта кои сè уште се греат на дрва. Во такви услови, четири милиони евра не можат да одат за еден концерт“, вели таа.
Подготовките продолжуваат
Настрана од политичката и јавната дебата, подготовките за концертот на Канје Вест влегоа во завршна фаза.
Во Кашар, по должината на сообраќајниот правец Тирана–Драч, се гради привремен стадион со капацитет од околу 60.000 гледачи.
Според наводите на Владата, во неговата изградба се ангажирани околу 3.500 работници, а работите изминатите денови се одвиваа без прекин.
Модуларната структура наречена „Eagle Stadium“ е изградена специјално за овој концерт и се очекува да биде демонтирана веднаш по неговото завршување.
Билетите се продаваат преку интернет-платформа, со цени кои се движат од 177 до 339 евра. До објавувањето на овој текст, на платформата и понатаму беа достапни различни категории билети, додека организаторите немаат објавено број на продадени карти.
Последните денови се појавија и тврдења за начините на кои се прави обид да се зголеми посетеноста на концертот.
Опозицијата ја обвини Владата дека врши притисок врз јавната администрација и училиштата за да обезбеди публика, додека на социјалните мрежи кружеа пораки во кои од наставниците се бара да ги придружуваат учениците со високи оценки, со тврдења за организирање лотарии со бесплатни билети во разни институции.
Според образложението што го придружува нормативниот акт, организаторот изразил подготвеност да обезбеди бесплатни билети за одредени категории, вклучувајќи семејства во социјален ризик, лица со попреченост, како и деца и млади во институционална грижа.
Владата порача дека целта на ова е да му се даде на концертот и социјална димензија, надвор од економското и туристичкото влијание.
Зошто Канје Вест е контроверзна фигура?
Дебатата за концертот во Албанија не се однесува само на неговото финансирање.
Канје Вест, познат и под името Је (Ye), важи за еден од највлијателните современи музичари, но последните години стана една од најконтроверзните фигури во музичката индустрија. Неговите антисемитски изјави, јавното фалење на Адолф Хитлер и објавувањето на песната „Heil Hitler“ предизвикаа остри меѓународни реакции.
Поради ваквите ставови, неколку негови концерти и соработки беа откажани или одбиени, додека властите и организаторите во различни земји изразија загриженост поради говорот на омраза и јавното влијание на неговите изјави.
Вакви реакции беа забележани во Германија, Швајцарија, Полска, Франција, Италија, Обединетото Кралство и Австралија.






