Мирен протест се одржува вечерва во паркот во Богданци. Се палат свеќи и се истакнуваат транспаренти со порака дека нема да се молчи за фемицидот и се бара одговорност за смртта на 17-годишната Билјана Kириќ. Паркот е преполн, а жителите велат дека се затекнати од незапмтеното злосторство во ова мало место.
Претходно, направена е вонредна инспекција во центарот за социјални работи во Гевгелија, по трагедијата во Богданци, која животот го загуби малолетната Билјана Кириќ.
Социјалната инспекција проверува како институциите постапувале во случајот и дали биле преземени сите мерки за заштита на девојката. Инспекцискиот надзор треба да даде одговор на прашањето како бил следен случајот на Билјана, какви проценки биле направени, и дали центарот за социјални работи навремено и соодветно реагирал на околностите во кои се наоѓала девојката.
Резултатите од надзорот се очекуваат во наредните денови.
Претходно, директорот на Бирото за јавна безбедност, соопшти дека полицијата веднаш по пријавата излегла на терен, а партнерот на девојката бил приведен.
По консултација со јавен обвинител, тој бил пуштен на слобода. Во меѓувреме, била поднесена кривична пријава, изречена привремена мерка за заштита и изработен план за безбедност на Билјана.






