домаМакедонијаБаланс меѓу работата и семејството во Македонија и во регионот: Податоците на...

Баланс меѓу работата и семејството во Македонија и во регионот: Податоците на оецд откриваат како младите се справуваат со обврските

- Advertisement -spot_img

Во Македонија 86.1 отсто од младите изјавиле дека можат добро да балансираат меѓу работата, семејните и општествените обврски. Ова стои во анализата на Организацијата за економска соработка и развој(ОЕЦД).

Истата анализа покажува дека 13.9 отсто од младите во земјава рекле дека не можат добро да балансираат меѓу работата и другите обврски. Жените во однос на мажите малку полесно се справуваат со балансирањето во сите шест земји од Западен Балкан, посебно оние кои се помлади од 30 години.

„Реално во денешно време и не е така лесно да се направи баланс меѓу работата и приватниот живот, затоа што работата знае да одземе повеќе време. Буквално предизвиците со кои секој се среќава се различни. Зависи кој со каква работа се занимава, има различни тешкотии на работните места и луѓето знаат тежината од работата да ја носат дома или работат премногу, прекувремено и не можат да се посветат дома на децата. И дел од обврските ако не ги сработат на работното место, треба да ги сработат дома и тоа одзема пак од времето кое треба да го поминат со своето дете. Родителот ќе треба да заврши обврски, да седи на лаптоп наместо да прошета со детето или ако станува збор за работа од дома, ако луѓето работат за странски фирми, тоа се различни временски зони, и тоа си прави притисок, тензија, се создава анксиозност, неволност, пад на мотивација“, вели Весна Илиова – Ташева, неурофидбек терапевт.

Но, и индивидуалните карактеристики се многу важни за тоа како еден човек ќе балансира меѓу работата и семејните обврски.

„Зависи од поединецот, зависи од работните обврски и мислам дека секој може да најде баланс ако сака да се организира. Зависи и од личните ставови, од воспитувањето, од самата индивидува. Фактор секако е и здравјето, зависи со текот на годините кој како ќе се справува со обврските“, кажа Цветанка Петровска-Тодоровска, психотерапевт.

Во регионот сликата е шаренолика. Најлоша е состојбата во Србија според овие податоци. Кај северниот сосед 69.5 отсто од младите можат добро да балансираат меѓу работните и семејните обврски, но 30.5 отсто рекле дека ова тешко им оди.

Во Црна Гора 70.3 отсто од младите можат добро да балансираат, но истото не им оди на 29.7 отсто. Во Косово, 81.5 отсто од младите можат добро да балансираат меѓу работата и семејните обврски, но тоа не можат да го направат 18.5 отсто. Во Босна и Херцеговина(БиХ), 77 отсто рекле дека можат добро да балансираат, а 23 отсто тоа не го можат. Кај западниот сосед, 84.2 отсто од младите можат добро да балансираат меѓу работата и семејните обврски, а 15.8 отсто тоа не можат да го прават.

Што се однесува до просекот на Европската Унија(ЕУ), ОЕЦД објави дека 82.1 отсто од Европејците можат добро да балансираат меѓу професионалниот и личниот живот, а 17.9 отсто се жалат дека истото не го можат.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img