Двајца полициски службеници од Прифатниот центар за странци при Регионалниот центар за гранични работи Север добија кривични пријави поради сомневања за тешка кражба и полово вознемирување.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првопријавената Б.Д., која работела како полицаец во Центарот, се сомничи дека на 28 септември годинава украла златен и сребрен прстен, како и 3.000 денари од мајката на жена која била привремено задржана во установата.
Предметите и парите, според МВР, ги пронашла при преглед на чантата на задржаното лице, по што ги одзела.
Нејзиниот колега Б.М., кој бил раководител на смена во истиот Центар, е осомничен за полово вознемирување. Настанот се случил два дена подоцна, на 30 септември, кога тој, според пријавата, влегол во собата на привремено задржаната жена и преземал дејствија со сексуална конотација.
Станувало збор за вербални и физички постапки, но и комуникација преку електронски средства. Од МВР наведуваат дека со ваквото однесување било нарушено достоинството на жената, која поради подредената положба во која се наоѓала почувствувала непријатност, понижување, навреденост и страв.
Случајот ќе има последици и во рамките на службата. Одделот за внатрешна контрола ќе предложи поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност и суспендирање на двајцата полициски службеници до завршување на дисциплинската постапка.
Кривичните пријави се доставени до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, одделението надлежно за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.






