домаМакедонијаНиз Крива Паланка се уште шетаат околу 1.000 крави, општината бара прогласување...

Низ Крива Паланка се уште шетаат околу 1.000 крави, општината бара прогласување на кризна состојба и помош од Армијата

- Advertisement -spot_img

Проблемот со стотината крави кои непречено шетаа низ кривопаланечко се уште не е решен. Според сознанија на општина Крива Паланка, повеќе од 1.000 грла крупен добиток неконтролирано се движат на нејзината територија, предизвикувајќи штети на земјоделските насади, приватниот и општинскиот имот и создавајќи ризици за безбедноста на граѓаните и сообраќајот.

Сепак, како што велат, точната бројност и идентификацијата на животните треба да бидат утврдени од надлежните институции.
Затоа од Општинскиот кризен штаб на Крива Паланка информираат дека се утврдени мерки и рокови за справување со неконтролираното движење на крупниот добиток.

-Општинскиот кризен штаб на Општина Крива Паланка, на состанокот одржан на 2 ноември 2026 година, ја разгледа состојбата со неконтролираното движење на крупниот добиток и утврди конкретни барања, препораки и рокови за координирано постапување на надлежните институции.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство е побарано до 3 ноември, до 12:00 часот, да достави извештај за извршувањето на правосилните и извршни решенија за одземање на животните, како и за реализацијата на задолженијата од точка 9 од 156. седница на Владата од 10 март 2026 година, велат од општинскиот кризен штаб.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство бараат до 4 ноември, до 12:00 часот, да достават оперативен план по денови, со определени теренски екипи, локации, потребна опрема, транспортни возила и капацитети за сместување.

-Побарано е координираните теренски активности да започнат најдоцна до 7 ноември 2026 година и да продолжат до целосно спроведување на мерките, појаснуваат од кризниот штаб.

Од МВР пак е побарано да обезбеди видливо полициско присуство и асистенција при акциите, согласно законските овластувања и безбедносната процена. На Агенцијата за управување со одземен имот ѝ е препорачано, во координација со АХВ, да постапи во рамките на своите законски надлежности.

-Општинскиот кризен штаб ѝ препорачува на Владата, по спроведување на потребната процена и законска постапка, да донесе одлука за постоење кризна состојба во траење од 30 дена на територијата на Општина Крива Паланка. Препораката има цел да обезбеди единствен оперативен план, дополнителни ресурси, јасни институционални одговорности и финансиска поддршка за трајно решавање на проблемот.

Во таа насока, предложено е преку ребаланс на Буџетот да се обезбедат потребните средства за постапувањето на Агенцијата за управување со одземен имот. Од АХВ е побарано да достави финансиска пресметка за активностите од својата надлежност и да иницира надминување на нормативните пречки поврзани со транспортот, сместувањето и продажбата на одземените животни. Доколку се утврди недостиг од цивилни ресурси и исполнетост на законските услови, предложено е да се разгледа и соодветна поддршка од дел од Армијата.

Општината ќе организира итен состанок со директорите на двете агенции и ќе воспостави единствена евиденција на пријавените штети, поткрепена со записници, фотографии и друга документација. Граѓаните се повикуваат да ги пријавуваат штетите и движењето на стадата и да соработуваат со надлежните екипи, почитувајќи ги нивните стручни насоки, велат од кризниот штаб.

Оттаму додаваат и дека е предвидено известување на надлежното јавно обвинителство и поднесување пријава до Државниот управен инспекторат за испитување на постапувањето по правосилните и извршни решенија.

-Доколку до 7 ноември не започнат конкретни и документирани теренски активности, Општината ќе поднесе кривична пријава за испитување на евентуалната одговорност на надлежните службени лица. Ќе се подготвува и документација за остварување надомест на причинетата штета, додааат од кризниот штаб.

Оттаму не исклучуваат ниту протести доколку не се реши проблемот.

-Доколку продолжи непостапувањето, предвидена е иницијатива за мирен јавен протест со заинтересираното локално население. Евентуалната временски определена протестна блокада ќе се разгледува во законски дозволен облик и со потребната координација со МВР.

Реализацијата на мерките ќе се следи преку редовни извештаи од институциите. Контролниот состанок на Општинскиот кризен штаб е предвиден за 16 ноември 2026 година, во 09:00 часот.

Општина Крива Паланка ќе ја информира јавноста за текот на активностите и постигнатите резултати. Приоритет остануваат безбедноста на граѓаните, заштитата на имотот и целосното спроведување на мерките за трајно решавање на проблемот, додаваат од Кризниот штаб на Крива Паланка.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img