Луѓето кои се греат на дрва, подобро е наместо еден, да комбинираат два вида на дрва за огрев. Стручните лица советуваат дека е најдобро граѓаните да се одлучат за даб и бука. Освен тоа, важно е дрвото да биде добро исушено пред да се користи во текот на грејната сезона. Многу македонски домаќинства со години се греат на дрва.
„За огрев, дрвото треба да е исечено од ноември кога мирува вегетацијата заклучно со 31 март идната година, потоа да се суши во текот на годината, преку летото и да се користи за огрев во 2027-2028 година. Секое дрво има различна калорична моќ, а најголема моќ има белиот габер. Понатаму, луѓето можат да земат бука и даб, но зависи и кој вид на даб. Најдобро е да има два вида на дрва. Ако еден вид дрво побрзо согорува, другото дава жар“, вели Марјан Парталоски, шумарски инженер.
Граѓаните не се многу информирани за тоа кое е подоброто решение, дали да користат еден или два вида на дрва за огрев.
„Јас не се греам на дрва, но другите мислам дека ги мешаат, затоа што некои дрва држат повеќе жар“, кажа Сузана Трајковска, граѓанка.
Дабот и буката се едни од најбараните дрва за огрев.
„Ние купуваме два вида на дрва, букови и дабови. Инаку, дабовите повеќе држат жар. Мене ми е подобро со два вида на дрва. Со клима грееме само една соба, а со дрвата ја грееме целата куќа“, рече Снежана Антиќ, граѓанка.
Има и луѓе кои порано се грееле на дрва, а денес домот го загреваат на струја.
„Додека се греев на дрва, какви дрва ќе најдев, такви купував. Некогаш земав еден вид на дрва, некогаш мешани. Сега се греам на струја“, вели граѓанка.
Како што претходно објави Државниот завод за статистика(ДЗС), огревното дрво останува најзастапен енергент за греење, а кај електричните уреди се издвојуваат клима-уредите инвертери и топлинските пумпи како поефикасни технологии за греење и догревање. Според податоците од Анкетата за потрошувачка на енергија во домаќинствата, во 2024 година просечната површина на живеалиштата изнесува 91.93 м², просечната површина која се загрева е 49.99 м², додека просечниот број лица по домаќинство изнесува 3.04. Во структурата на користени енергенти за греење, најголемо учество има огревното дрво, дрвото од овошни насади и дрвените отпадоци прикажани како една категорија, со 38.2 отсто. Значително учество имаат и електричната енергија со 24.6 отсто, додека домаќинствата што користат два или повеќе енергенти како основен тип учествуваат со 18.6 отсто.






