Битола синоќа блесна во боите на својата спортска гордост – зелено и бело. Градот се осветли во чест на 80-годишниот јубилеј на ФК „Пелистер“, симболот на битолскиот спорт, традицијата и љубовта кон фудбалот.

Градоначалникот Тони Коњановски сподели фотографии од неколку препознатливи локации во градот кои беа осветлени во чест на големиот јубилеј. Со оваа иницијатива, Битола оддаде признание на клубот кој со децении ја претставува гордоста на градот и ја обединува заедницата околу спортот.

„Вечерва нашата Битола блеска во зелено-белите бои, боите на гордоста, традицијата и љубовта кон нашиот ФК Пелистер“, напиша Коњановски, додавајќи дека овој симболичен гест е посветен на сите генерации играчи, навивачи и спортски работници кои ја градат историјата на клубот.

Осветлените објекти станаа центар на внимание на битолчани, кои преку оваа ноќна слика уште еднаш покажаа дека „Пелистер“ е повеќе од клуб – тоа е дел од битолскиот идентитет и градска гордост.






