Кога послушниците на Христијан Мицкоски ги водат општините партиските интереси се поважни од граѓаните. Нивното владеење е школски пример како не треба да се работи. Школски пример за партизирана држава, за режим и за заробена држава. Ова на Граѓанската трибина синоќа во Охрид го рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Венко Филипче, при што посочи дека пред година и половина ветувале гордост. Гордост е да покачиш плати, да се грижиш за луѓето кои бараат помош и заштита од алчни трговци и бизнисмени. Гордост е да направиш реформи и да го отвориш патот кон сигурна иднина, рече тој. Ништо од тоа не е донесено, донесоа само многу ароганција, негрижа и лажен патриотизам.
„Лажен патриотизам е да ги гушкаш граѓаните, а тие само тоа знаат да го прават. Лажен патриотизам е да ги делиш граѓаните, да ги етикетираш кога решиле да се побунат против лошите политики. Само тоа добивме од ВМРО-ДПМНЕ. А што да се каже за правда и за правна држава која ВМРО-ДПМНЕ е на власт, за нив едноставно непозната именка, апстрактна уметност“, рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Лидерот на СДСМ обвини дека има само театрални изјави без ниту еден донесен закон за вистинско реформирање на правосудниот систем. Иако премиерот се пофалил дека реформската агенда е најдобриот документ што го подготвила оваа влада, инструмент за демократизација на општеството и патоказ да ја донесеме Европа дома, со секој минат ден државата е подалеку од Европа и демократијата.
Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ Асен Шајн во своето обраќање рече дека граѓаните се разочарани, бидејќи многу се ветува, а ништо не се исполнува. Градот е нечист, нема никаков развој и иако туризмот треба да биде носечки столб во овој наш бисер, тој е сведен на неколку месеци хаос, а остатокот од годината граѓаните живеат со истите нерешени проблеми. Шајн рече дека нивна цел е младите да ја гледаат иднината во својот роден град, а урбанистичкото планирање ќе има нова димензија затоа што ќе воведат нови еколошки стандарди.
„Охрид стана лична своина на градежни инвеститори кои со амин на локалната власт ни приредија страшна урбана девастација. Штетата зазема несогледиви размери. Ги загрозува природните и културните богатства и комплетно ја уништува околината. Дишеме загаден воздух, нема каде да паркираме, а јавните површини се уништени. Се навикнуваме на се она што не треба да биде нормално“, изјави Асен Шајн, кандидат за градоначалник на Охрид од СДСМ.
На трибината беа промовирани и кандидатите за советници на СДСМ.






