Samsung кај претстојниот Galaxy Z Flip 8 би можел повторно да ги подели пазарите помеѓу сопствениот Exynos 2600 и Qualcomm Snapdragon 8 Elite Gen 5.
Samsung кај претстојниот Galaxy Z Flip 8 би можел повторно да ја примени стратегијата на користење два различни SoC (системи на чип), во зависност од пазарот на кој се продава уредот. Барем така тврди нов извештај од корејски дојавувач, според кој во Flip 8 ќе се вградуваат и Samsung Exynos 2600 и Qualcomm Snapdragon 8 Elite Gen 5.
Иако претходно се споменуваше дека Galaxy Z Flip 8 ќе работи исклучиво со Exynos 2600, најновите информации укажуваат дека Samsung сепак нема целосно да се откаже од решенијата на Qualcomm. Која верзија ќе ја добијат корисниците ќе зависи од регионот, а доколку се повтори практиката од претходните години, пазарите како Северна Америка најверојатно ќе добијат модел со Snapdragon, додека Европа ќе ја добие верзијата со Exynos.
Според истиот извор, една од причините за ваквата одлука би можела да биде високата цена на производство на Exynos 2600. Наводно, Qualcomm ја искористил ситуацијата и му понудил на Samsung поповолни услови за набавка на своите SoC решенија, што влијаело врз одлуката производството да се подели помеѓу двете платформи.
Покрај промените „под хаубата“, Galaxy Z Flip 8 наводно ќе биде потенок и полесен од својот претходник. Од друга страна, засега не се очекуваат позначајни надградби кај камерите, ниту промени во капацитетот на батеријата и брзината на полнење.








