Три недели откако германскиот канцелар Фридрих Мерц ја прогласи реформата на законот за работното време за „задоцнета“, бидејќи според него веќе требало да биде спроведена, предлогот сè уште не стигнал до владата. Коалицијата на демохристијаните и социјалдемократите не може да се договори како би требало да изгледа работниот ден подолг од осум часа.
Мерц го постави тонот на дебатата на 13 октомври, на собир на работодавачи во Берлин, наведувајќи го примерот на компании во кои вработените работат по 12 часа, „три дена во неделата и готово“.
Тој додаде дека работниот ден подолг од осум часа „не е експлоатација“ и дека таквата можност може да им овозможи и на компаниите и на вработените пофлексибилно да го распоредуваат работното време.
На истиот собир требало да говори и министерката за труд Бербел Бас, но ден претходно поднела оставка од функцијата министерка и копретседателка на Социјалдемократската партија (СПД). Како причини ги навела смртта на својата поќерка, но и јавните напади, меѓу кои и оние од редовите на коалицискиот партнер.
Токму нејзиното министерство ја запрело реформата на половина пат.
Контроверзен предлог
Клучот на спорот е една реченица од коалицискиот договор: партиите се обврзале да воведат можност за неделно, наместо дневно ограничување на работното време. Според сегашниот закон, работниците смеат да работат осум часа дневно, а најмногу десет часа ако во период од шест месеци, односно 24 недели, просекот остане осум часа дневно.
Законот предвидува шест работни дена, од понеделник до сабота, што значи максимално 48 работни часа неделно. Меѓу два работни дена задолжителен е одмор од 11 часа. Предлогот на Министерството за труд од јуни го задржува осумчасовниот работен ден како правило. Неделниот максимум би бил дозволен само доколку социјалните партнери се договорат за тоа преку колективен договор и доколку со посебни правила се гарантира дека нема да биде загрозено здравјето на работниците.
Притоа, просечното неделно работно време не би смеело да надмине 48 часа во период од 12 месеци.
Работодавачите се огорчени
Предлогот предвидува и задолжителна електронска евиденција на работното време.
Компаниите со помалку од 250 вработени би имале две години за приспособување, оние со помалку од 50 вработени пет години, додека работодавачите со најмногу десет работници трајно би биле ослободени од обврската за електронско евидентирање.
Колку најмногу би смеело да се работи во еден ден?
Бројката од 13 часа, која често се споменува во дебатата, претставува само времето што останува кога од 24 часа ќе се одземат задолжителните 11 часа одмор. Од тоа треба да се одземат и законски предвидените паузи, кои изнесуваат 45 минути за работа подолга од девет часа. Работодавачите остро го критикуваа предлогот.
Претседателот на нивното здружение БДА, Рајнер Дулгер, изјави:
„Предлогот е полн со недоверба кон работодавачите и нивните вработени.“
Оливер Цандер, директор на здружението на металопреработувачката индустрија Гезамтметал, оцени дека тоа не е реформа, туку „збир од максималистички барања“.
Главниот приговор на работодавачите е што со колективни договори во Германија се опфатени само приближно половина од вработените, па другата половина не би имала никаква корист од реформата.
И синдикатите се противат
Од друга страна, синдикатите ја отфрлаат каква било промена.
Претседателката на Сојузот на германските синдикати (ДГБ), Јасмин Фахими, тврди дека работодавачите не се заинтересирани за усогласување на семејниот и професионалниот живот, туку за поголема контрола врз работното време на вработените.
Според анкета на ДГБ, 98 отсто од вработените прифаќаат вакви измени, но не сакаат да работат по 19 часот.
Зилке Цимер, членка на раководството на синдикатот Верди, смета дека постојниот закон е еден од најважните прописи за заштита на работниците и дека не треба да се менува.
Таа се противи дури и на ограничување на новите правила само на колективните договори, иако таквата можност би можела да го зголеми бројот на вработени опфатени со нив.
Аргументите против продолжувањето на работниот ден не доаѓаат само од синдикатите.
Истражувањата покажуваат дека ризикот од несреќа на работното место или на пат кон дома по 12 часа работа е двојно поголем отколку по осум часа работа. Во анкета на Институтот ВАСИ, речиси три четвртини од испитаниците изразиле загриженост поради негативните последици од работата подолга од десет часа.
Здружението на лекари „Марбургер Бунд“ предупредува и на ризиците за безбедноста на пациентите.
Фондацијата „Ханс Беклер“ отиде чекор понатаму, предупредувајќи на можна закана за демократијата. Според нејзините наоди, луѓето што работат подолго од осум и пол часа дневно значително поретко учествуваат во политичкиот, волонтерскиот и општествениот живот.
Сè е во рацете на новиот министер
Сега одлуката е во рацете на новиот министер за труд, Александер Швајцер. Тој сè уште не се изјаснил за клучното прашање – дали ќе го задржи ограничувањето според кое подолг работен ден би бил можен само врз основа на колективни договори. Претходно, сепак, истакнал дека Германија само во 2023 година имала 1,3 милијарди прекувремени работни часа и порачал дека „потребни се флексибилни модели што мора да одговараат на животот на луѓето“.
Според тоа, проблемот не го гледа во недоволната работа, туку во лошата организација на работното време.
Заменик-претседателот на Левицата, Луиџи Пантицано, веќе го повика да го одбрани постојното дневно ограничување. Неговиот сопартиец од СПД, парламентарниот секретар Дирк Визе, се обидува да ја смири дебатата.
Според него, коалицискиот договор не предвидува укинување на законот, туку воведување неделен максимум, заедно со задолжителна дигитална евиденција на работното време, со цел да се спречат неплатените прекувремени часови. Засега нема најава за договор.
Коалицискиот комитет на почетокот на јули усвои пакет од 34 мерки, но прашањето за работното време не беше меѓу нив. Демохристијаните и социјалдемократите и натаму имаат различни ставови и за неделното ограничување и за задолжителната евиденција.
Приоритет на новиот министер е реформата на пензискиот систем, па аналитичарите не очекуваат дека истовремено ќе отвори и нов судир околу работното време.
Дотогаш останува на сила постојниот закон. Работодавачите не можат да се повикуваат на коалицискиот договор или на предлогот на Министерството за да ги надминат важечките ограничувања. Осумчасовниот работен ден, стар 108 години, засега останува на сила не затоа што некој особено го брани, туку затоа што коалицијата не може да се договори како да го промени.






