Обид за внесување поголема количина дрога во затворот „Идризово“ бил спречен откако затворските службеници откриле марихуана и кокаин скриени во табли со јајца, донесени за затвореник кој издржува казна во најголемиот казнено-поправен дом во државата.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 25-годишна жена, осомничена за неовластено пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции. Според информациите од обвинителството, таа на 20 мај дошла во редовна посета на својот сопруг во КПУ „Идризово“, носејќи две табли со вкупно 60 јајца.
Сомнежите кај затворските службеници се појавиле при безбедносна проверка и скенирање на предметите што ги носела. По дополнителен рачен преглед било утврдено дека дел од јајцата биле внимателно преправени за да служат како скривалиште за наркотични супстанции.
Во 28 од јајцата биле пронајдени пакувања со вкупно 318,62 грама марихуана и 142,2 грама кокаин, по што жената веднаш била задржана, а случајот пријавен кај надлежното обвинителство.
Од таму наведуваат дека поради сериозноста на делото, ризикот од бегство и можноста за повторување на кривичното дело, јавниот обвинител побарал определување мерка куќен притвор. При носењето на предлогот, како олеснителна околност било земено предвид тоа што осомничената се грижи за малолетни деца, меѓу кои и бебе старо пет месеци.
Истрагата за случајот продолжува, а надлежните институции работат на утврдување дали дрогата била наменета исклучиво за затвореникот или постоела поширока мрежа за внесување наркотични супстанции во затворот.








