Иако опозициската ДУИ уверува дека ќе победи на локалните избори и најавува дека потоа ќе има предвремени парламентарни избори и нова Влада, сепак, власта ја отфрла таквата можност. Имено, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека по изборите ќе се одржи изборен партиски Конгрес, по кој ќе следува реконструкција на партиските структури, но и на Владата и институциите. Во меѓувреме, од ВЛЕН тврдат дека веќе разговараат за соработка со дел од партнерите на ДУИ.
Дали по локалните избори ќе има предвремени парламентарни избори, како што бара и најавува албанската опозиција предводена од ДУИ, или, пак, актуелната Влада ќе го истера до крај четиригодишниот мандат, како што постојано уверуваат владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, од каде патем навестуваат голема партиска и владина реконструкција, како и нови трансфери на релација опозиција-власт?
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврди дека нема да има вонредни парламентарни избори, иако тоа би било логично ако ВМРО-ДПМНЕ го гледа исклучиво партискиот интерес.
–Јас кажав дека немаме намера да одиме на предвремени парламентарни избори, зашто оваа Влада има полн легитимитет, пред година и половина освоивме 600.000 гласови – рече вчера Мицкоски на Канал 5.
Според него, кога би имало нови избори ВМРО-ДПМНЕ би освоило повеќе пратеници отколку ланските 58, бидејќи, како што рече, сосема различно е однесувањето на оваа Влада и на ова ВМРО-ДПМНЕ во споредба со порано.
–Друго е прашањето дали имаше некои очекувања сега и веднаш да има резултати со гигантски скокови. Да, има, и до мене стигнуваат тие. Но, кога ќе седнете и разговарате од каде сме почнале и каде сме стигнале, сите велат – во ред, ве разбираме – посочи Мицкоски.
Тој оцени дека кампањата на ДУИ се темели на етничка поларизација со која, според него, интегративците го оградуваат просторот и заокружуваат еден дел од граѓаните со наративот за „лошите Македонци кои ги угнетуваат добрите Албанци“.
–И, втората порака (на ДУИ) е ќе победиме на избори. И еве ќе победат, ќе победи и ВМРО, и како ќе гласаат? За Владата што јас ќе ја предводам? Ќе речат не важи ова, заборавете го ова што го зборувавме 6 месеци и гласајте за владата на Мицкоски? Како? Како ќе седиме и работиме ние? – истакна Мицкоски.
Она што, според него, сигурно ќе се случи по овие избори е одржување на партискиот изборен Конгрес во декември во Кавадарци, по што ќе следува голема реконструкција и во структурите на ВМРО-ДПМНЕ и во Владата. Меѓутоа, не откри кого ќе опфатат овие кадровски промени.
-Ќе има големи промени во структурата на партијата и одредени промени во владата и институциите. Откако ќе направам детална анализа ќе можам повеќе да кажам, зашто не е само да смените некого, туку тој што ќе го менувате треба да му најдете соодветна замена и треба да имате одредена доверба. И тој што ќе дојде треба да биде подобар – рече Мицкоски.
Притоа, додаде дека е убеден оти Изет Меџити ќе победи во трката за градоначалник на Чаир, што, ако се случи, значи дека во Владата ќе има нов вицепремиер и министер за екологија, а каков негов наследник веќе беше најавен ексминистерот за здравство Беким Сали.
Исто така, и Меџити уверува дека ќе нема вонредни избори. Во интервју за „Фокус“, одговарајќи на прашањето дали ако ВЛЕН убедливо загуби на локалните избори од НАИ/ДУИ ќе има предвремени парламентарни парламентарни избори, вели:
„Прво, не работам со хипотезата за убедлив пораз, туку со реалноста на убедлива победа. Но, за да одговорам на вашето прашање принципиелно не треба да се мешаат локалните со парламентарните избори.
Владата има стабилно мнозинство, јасна програма и четиригодишен мандат добиен на парламентарните избори. Нејзината задача е да ја води државата, да спроведува реформи и да работи на евроинтеграцискиот пат.
Локалните избори се за локални теми и локални власти. Обидот да се поврзат овие два процеси е неодговорен и создава вештачка нестабилност.
Граѓаните очекуваат од нас да работиме, а не постојано да бидеме во изборни калкулации. Актуелната централна влада е посветена на исполнување на својот целосен мандат, без оглед на исходот од локалните избори.
На последните парламентарни избори мнозинството на Албанците дадоа јасен легитимитет на потребата од промени и плурализам во албанскиот сегмент на политичката сцена. Ние имаме обврска таа насока да ја почитуваме и да ја спроведеме“.
Воедно, тој тврди дека по локалните избори многу од партнерите на ДУИ ќе разберат во каква заблуда биле донесени.
Во тој контекст, посочува дека ВЛЕН веќе разговара за соработка со неколку од нив, без да обелодени дали станува збор за АА на Зијадин Села, АА на Арбен Таравари или некој трет субјект.
-Во политиката, секој поединец носи свои одлуки и презема одговорност за нив пред гласачите. Одлуката на господинот Таравари беше негов личен избор.
ВЛЕН покажа дека нејзината сила не лежи во еден човек, туку во идејата за промени, во заедништвото на повеќе политички субјекти и во огромната поддршка од граѓаните кои сакаат поинаков пристап.
Ние продолживме уште посилно и пообединето. Штетата од неговото заминување е минимална, бидејќи граѓаните гласаат за принципи и визија, а не за поединци.
Што се однесува до идната соработка, нашата врата е секогаш отворена за сите политички актери кои ги споделуваат нашите вредности демократија, транспарентност, отчетност и бескомпромисна борба против корупцијата.
Соработката ќе се темели на принципи и програмски усогласености, а не на лични односи. Кој ќе ги прифати овие принципи, тој е наш потенцијален партнер во иднина – порача Меџити.
Политичката тежина на општините или простата математика – што ќе го одреди изборниот победник во албанскиот блок?
Што се однесува до третиот владин партнер – ЗНАМ на Максим Димитриевски, од таму велат дека во секое време се подготвени за изборно соочување, затоа што, како што посочуваат, веруваат во себе и во исправноста на стратешките определби и политики.
–Целосно сме задоволни од работата на двајцата наши министри во Владата. И (Игор) Филков и (Горан) Минчев се носители на вистински реформи што ги спроведува Владата во два клучни ресори – правда и јавна администрација. Реформи, за кои во иднина ќе се почувствува зошто било неопходно сега да се спроведуваат.
Задоволни сме и од работењето на замениците министри. Оттука немам никакво стравување, ниту предрасуда во однос на најавената реконструкција од страна на премиерот. Тоа е негово суверено право да го направи и ние сме подготвени да соработуваме и по тоа прашање – рече Димитриевски во интервју за „Фокус“.
Наспроти тоа, од ДУИ уверуваат дека по локалните ќе има предвремени парламентарни избори. Во таа насока, партискиот потпретседател и кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, рече дека парламентарни избори ќе има во март-април следната 2026 година, по што ќе се формира и нова Влада.
–Ќе има предвремени парламентарни избори некаде во март или април. И ова го кажувам најаргументирано, врз основа на сите разговори и договори што ги има на политичката сцена. Јас ви тврдам дека предвремени парламентарни избори ќе има во март-април и ќе има нова влада која ќе го откочи европскиот процес, ќе го врати соживотот и економскиот просперитет на земјата – рече Османи.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, вели дека неговата партија е подготвена за предвремени парламентарни избори, но, според него, Владата треба да каже што ќе прави со евроинтеграцискиот процес.
Дали ДУИ моли да влезе во влада на ВМРО по секоја цена или Мицкоски му праќа емисари на Ахмети за постизборна соработка?
–Гледаме недоследност во изјавите на премиерот. Еднаш вели ќе има, еднаш ќе нема предвремени избори. Сметам дека тој е свесен дека толкав број на гласови и пратеници како што доби лани, никогаш повеќе нема да добие затоа што луѓето дефинитивно се освестија – смета Филипче.
Во однос на оваа тема, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, кој воедно е лидер на уште една опозициска партија – ГРОМ, вели дека веројатно нема да има вонредни избори, иако тоа во голема мера ќе зависи од исходот на претстојните избори.
–Ако локалните избори се лоши за власта, таа ќе настојува да пролонгира избори. Ако тие се добри за нејзе, во што се сомневам, таа може да инсистира на предвремени избори. Сепак, мислам дека веројатно Македонија нема да оди на предвремени парламентарни избори – изјави Јакимовски за „Фокус“.






