Во својата најнова емисија насловена „ЌЕ ИЗЧЕЗНЕШ – заканата од ДАНС“, Цанов објави детали од разговорите што наводно ги водел со Михаилова. Иако таа првично се согласила да гостува во неговиот поткаст, учеството било откажано само неколку часа пред снимањето. Според новинарот, Михаилова му признала дека добила строги инструкции од ДАНС нејзиното прво интервју да биде кај новинарот Мартин Карбовски, со цел службата однапред да ги контролира прашањата што ќе ѝ бидат поставени.
Цанов тврди дека Михаилова дури и му пренела предупредување – доколку настапи во друга емисија без нивна дозвола, снимката би можела да биде отстранета, а таа да ја изгуби ветената помош од бугарските институции, вклучувајќи ја и адвокатската заштита и нејзината рехабилитација. Овие наводи сè уште не се независно потврдени, но фрлаат сериозен сомнеж врз улогата на бугарските служби во овој случај.
Во истата емисија, Цанов ја застапува контроверзната теза дека Михаилова е невина и дека во Македонија е жртва на прогон исклучиво поради нејзиното бугарско национално изјаснување. Самата Михаилова, која поседува двојно државјанство, ја користи истата реторика откако во октомври годинава пребегна во Бугарија.
Сепак, фактите говорат поинаку. Михаилова во Македонија е обвинета за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Станува збор за трагична сообраќајна несреќа што се случи на 7 октомври 2025 година на експресниот пат Кочани – Штип, во која загина едно лице. Нејзиното бегство во Бугарија беше реализирано и покрај активните судски мерки против неа, кои вклучуваа одземање на патните исправи и строга забрана за напуштање на Кочани.
„Доколку претходно гостува во друга емисија, снимката би можела да биде отстранета, а таа да ја изгуби ветената помош од бугарските институции, вклучително и поддршката за адвокатите.“ — тврди новинарот Станислав Цанов.






