Малолетно дете со аутизам било обвинето за кражба во продавница, иако, според пријавата на неговата мајка, во рацете носело сок купен од друг продажен објект. По настанот детето било вознемирено, плачело и покажувало страв повторно да влезе во продавницата, а подоцна кај него биле констатирани симптоми на акутна реакција на стрес.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со мислење од 26 октомври 2026 година, утврдила вознемирување врз основа на попреченост во областа на пристап до добра и услуги. Настанот се случил на 27 октомври 2025 година, неколку минути пред осум часот наутро, во продавница во близина на училиштето што го посетувало детето.
Според претставката поднесена од мајката, продавачката, иако била запознаена со состојбата на детето, му се обратила со зборовите „Зошто крадеш?“ и „Остави го сокот!“, изнесувајќи обвинувања пред присутните купувачи. Мајката навела дека нејзиниот син има дијагностицирано нарушување од аутистичниот спектар со високофункционален профил и дека поради неговите специфични комуникациски и социјални потреби не успеал соодветно да ја објасни ситуацијата.
По инцидентот, детето било силно вознемирено, плачело и одбивало повторно да влезе во продавницата. Во претставката се наведува и дека при последователен разговор во присуство на мајката, продавачката повторно се обратила со повишен тон и ја коментирала состојбата на детето.
LANDOV Во „Претрес“ прочитан одговор од МВР: Две кривични пријави против Стојна, се најавуваат уште две
Продавачката, преку адвокат, ги оспорила обвинувањата. Во нејзиното изјаснување навела дека детето било вознемирено бидејќи не можело да го пронајде својот паричник и дека таа се обидувала да го смири и да му помогне, без да употреби навредливи или дискриминаторски зборови.
Во постапката биле доставени и две писмени изјави од лица присутни во продавницата, според кои детето плачело и го барало паричникот, а продавачката се обидувала да го смири. Сепак, Комисијата оценила дека овие сведоштва не ги опфаќаат сите околности на кои укажала мајката, особено комуникацијата што следувала во нејзино присуство.
Особено значаен доказ било стручното мислење од невропсихолошкиот центар „Во мојот свет“, изготвено еден ден по настанот. Според документот, детето било донесено на стручна консултација поради доживеан трауматичен настан. Кај него биле забележани изразена вознемиреност, анксиозност, чувство на страв, повлекување, одбивање да се посетуваат училишните активности и несоница.
Во стручниот наод била наведена дијагноза F43.0 – акутна реакција на стрес, со препорака за психолошко советување и продолжување на терапевтската поддршка. Комисијата разгледала и потврда од Министерството за внатрешни работи, според која мајката го пријавила настанот во полиција.
LANDOV Митовски тврди: Инспектор ја сменил изјавата на суд и го урнал обвинението против Гоце
Полициските службеници постапиле по пријавата и изрекле усно предупредување, за што била составена службена белешка. При донесувањето на мислењето, Комисијата нагласила дека однесувањето кон дете со попреченост не може да се оценува исклучиво според вообичаените правила за комуникација со купувачите.
Потребно е да се земат предвид возраста на детето, неговата попреченост, можноста да ја разбере и објасни ситуацијата, како и влијанието што однесувањето на возрасно лице може да го има врз неговото достоинство. Комисијата посочува и дека за утврдување вознемирување не е неопходно да постои намера за повредување на достоинството, туку дека се релевантни и последиците од постапувањето.
Врз основа на разгледаните докази, Комисијата утврдила дека постапувањето кон детето претставува вознемирување врз основа на попреченост во областа на пристап до добра и услуги. На лицето за кое е утврдено вознемирувањето му е препорачано во иднина да се воздржува од какво било вознемирувачко, понижувачко или навредливо постапување кон лица со попреченост, особено кон деца, почитувајќи го нивното достоинство, индивидуалните потреби и правото на еднаков третман.
Случајот покажува колку сериозни последици може да предизвика начинот на комуникација со дете со попреченост и зошто неговите индивидуални потреби мора да бидат земени предвид, дури и во секојдневни ситуации како посета на продавница.
https://skopje1.mk/zoshto-kradesh-ostavi-go-sokot-dete-so-autizam-bilo-obvineto-za-krazhba-komisijata-utvrdi-voznemiruvanje






