Во земјава веќе се регистрираат заболени од сезонски грип, а здравствените власти апелираат граѓаните, особено оние од ризичните категории да се заштитат со вакцинација. Имунизацијата против грип е во тек – се трошат последните количини, од 30-те илјади дози јужнокорејски вакцини. Со стартот на работната недела – се очекува во вакциналните пунктови да бидат дистрибуирани уште 30 илјади дози од француски производител. Досега од сезонски грип заштитени се повеќе од 20 илјади повозрасни и хронично болни граѓани.
„Со крајната набавка на 30 илјади вакцини ќе има достапни 86 илјади вакцини. Досега сме немале повеќе од 80 илјади на располагање, ќе направиме и проценка заради одредени барања вакцини да бидат достапни не само за ризичните групи, туку и приватно“, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.
Лекарите препорачуваат имунизацијата да не се одложува, бидејќи од примањето на вакцината потребни се околу две недели за да се создаде заштита. Иако вакцината не гарантира дека нема да се заразиме, го намалува ризикот од тешки форма на болеста и од сериозни компликации.
Епидемиолошкиот праг за влез во сезоната со грип сè уште не е достигнат – покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје. Последната недела пријавени се 112 случаи со грип и заболувања слични на грип. Потврдени се осум случаи со грип и четири со ковид.






