Граѓанските организации реагираат на предложените законски измени поврзани со распределбата на средствата од игрите на среќа, предупредувајќи дека може да бидат загрозени услугите за ранливите категории граѓани.
Атанас Аврамов од Мрежата за заштита од дискриминација во „Топ Тема“ на Телма изјави дека организациите кои работат со ранливи групи не се против законските измени во целина за Законот за игри на среќа, туку предупредуваат на последиците од конкретната одредба.
„Парите кои доаѓаат од граѓанските организации не се за граѓанските организации туку се за услуги коишто ги нудат тие здруженија за овие ранливи групи. Тука спаѓа психосоцијалната поддршка, дневните центри за лицата со попреченост, шелтер центри за жртвите од семејно насилство“, изјави Аврамов.
Тој посочи дека постои опасност средствата да се распределуваат без јасни критериуми и без гаранција дека ќе завршат кај организациите кои директно работат со граѓаните.
„Првата опасност е дека парите би завршувале за потреби кои не ги адресираат вистинските потреби на ранливите групи, и другиот момент е нетранспарентното трошење. Бидејќи со таквата генерална одредба не се предвидува во принцип каде тие пари ќе преминат“, рече Аврамов.
Тој додаде дека реакцијата веќе е доставена до институциите, бидејќи законот не бил објавен на ЕНЕР, што според него ја ограничило можноста за јавна дебата и навремени забелешки од граѓанскиот сектор.








