На нотарот, кој е опфатен во случајот на предлог на ОЈО ГОКК, одредени му се мерки на претпазливост, односно одземен му е пасошот
Во истрагата е опфатено уште едно лице, кое во моментов е недостапно за органите на прогонот. Од Обвинителството претходно соопштија дека овој осомничен извесен период се наоѓа во странство.
Два затворски и еден куќен притвор им одреди Основниот кривичен суд Скопје на тројца од осомничените од кумановската група кои се товарат за злосторничко здружување, перење пари и изнуда, додека на уште едно лице, кое е поврзано со групата, му се определени мерки на претпазливост.
Како што соопштија попладнево од Кривичен, судија на претходна постапка по сослушувањето на четворицата осомничени во присуство на нивните бранители ги прифатил предлозите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во врска со мерките за обезбедување присуство.
Мерка ефективен притвор им е одредена на осомничените Д.П. и М.К. поради постоење на опасност од бегство, повторување или довршување на кривичното дело, како и поради опасност од попречување на истрагата со влијание врз сведоци.
„За осомничениот Л.К. е прифатен предлогот и е определена мерка куќен притвор, додека за осомничениот Д.Ж. се определени мерки за претпазливост, и тоа одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна исправа за преминување на државната граница“, се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Оттаму посочуваат дека со предлогот на Јавното обвинителство е опфатено уште едно лице, кое во моментов е недостапно за органите на прогонот. Од Обвинителството претходно соопштија дека овој осомничен извесен период се наоѓа во странство, а според последните информации оттаму по него сè уште не е распишана меѓународна потерница.
Од Судот посочуваат дека против донесените решенија странките во постапката имаат право на жалба до кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска отвори истражна постапка против четирите лица кои се осомничени дека биле дел од криминалната група што подолг период изнудувала пари од граѓани и незаконски ги пуштала во оптек.
Во случајот е осомничен и нотар, преку чија канцеларија биле заверувани договорите со фалсификувани потписи за заеми и купопродажби меѓу членовите на групата и нивните жртви. Станува збор за лицето на кое на предлог на ОЈО ГОКК, а Судот му го одзеде пасошот. Нотарот се товари за кривичното дело несовесно работење во службата.
Според описот на случаите документирани во предистрагата, групата со незаконските активности почнала во 2021 година, а ја формирал жител на Куманово, кој е првоосмничен во истрагата. Тој заедно со другите членови со груби закани изнудувале пари од оштетени лица, најчесто искористувајќи ја нивната зависност поради претходни заеми.
Информирајќи за акцијата, вчера директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, изјави дека полицијата располага со сериозни докази и факти за целокупните активности што ги вршела групата.
Акција, како што кажа тој, следувала откако граѓанин се охрабрил да достави информација до МВР, по што надлежните служби почнале со прибирање материјални докази.






